Гневни граѓани фрлаа кал кон шпанскиот крал во поплавената Валенсија

Шпанскиот крал Фелипе Шести во посета на Валенсија, 3 ноември 2024 г.

Гневни граѓани фрлаа кал и извикуваа навреди кон шпанскиот крал Фелипе Шести и владини претставници за време на нивната посета на подрачјата погодени со катастрофалните поплави во Валенсија.

„Заминувајте“ „Излегувајте“ и „Убијци“, извикуваа демонстрантите, инсистирајќи да им се одговори зошто надлежните не преземале ништо за да се избегне трагедијата.

Интервенираше и полицијата, а откако беше принуден да се заштити од калта со која го гаѓаа, кралот неколку пати се обиде да разговара со дел од жителите во периферијата на градот Валенсија.

Видете и ова: Во Шпанија регистрирани најмалку 211 жртви од поплавите

Како што пишува Асошиејтед прес, тоа беше инцидент без преседан за кралската куќа, која се труди да изгради имиџ на монарх што и се допаѓа на нацијата.

Со кралот Фелипе Шести, беа и кралицата Летиција и регионалниот претседател на Валенсија, Карло Мазон.

Во катастрофалните поплави што ја погодија Шпанија во вторникот загинаа повеќе од 200 луѓе, а илјадници други останаа со уништени домови.