Министерството за енергетика најави доделување на ваучерите за инвертер клими

Илустрација.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на својата веб-страница го објави списокот на граѓани кои ќе добијат ваучери за инвертер клима-уреди и најави дека доделувањето треба да започне наредните денови.

Повиците за ваучери за ранливите категории граѓани и за поттикнување енергетска ефикасност беа објавени од Министерството за економија и граѓаните аплицираа уште во февруари. Треба да се доделат околу 6.000 ваучери.

Сега, обврската да ги подели ваучерите ја презеде новоформираното Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Оттаму велат дека почнале со дистрибуција на ваучерите до општините, а граѓаните ќе може да ги подигнат во специјални регионални канцеларии кои се отворени само за оваа намена. Точната локација и работното време на канцелариите ќе бидат дополнително објавени (најдоцна до 6 ноември) на веб-страницата на Министерството.

„Предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони – по 23.000 денари“, потсетуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Видете и ова: Само половина од над 18 илјади домаќинства би требало да ги добијат ветените субвенции за инвертери

Граѓаните ќе имаат краток период да ги искористат ваучерите бидејќи според условите тоа треба да го направат до 30 ноември бидејќи по овој датум неискористените ваучери ќе се сметаат за неважечки.

Ваучерите за кои граѓаните аплицираа уште пред девет месеци, предизвикаа голем интерес кај граѓаните. За предвидените околу 6.000 аплицираа два пати повеќе – имаше 18.805 барања.

Дел од граѓаните, како што пишуваше и Радио Слободна Европа, реагираа дека се доцни со доделувањето на ваучерите. Делумно, застојот се должеше и на реорганизацијата на министерствата со која надлежноста за ваучерите се префрли од секторот економија во Министерството за енергетика.

Во Северна Македонија изминатите неколку години се спроведуваа проекти и од централната власт, но и во дел од општините, во рамки на кои се доделуваа субвенции за поставување клими и печки на пелети, со цел да се намали загадувањето на воздухот и да се мотивираат граѓаните да не се греат на дрва или на други материјали кои загадуваат.