Орбан: Ако победи Трамп, Европа ќе мора да ја преиспита поддршката за Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, јули 2024 г.

Европа ќе мора да ја преиспита својата поддршка за Украина доколку Доналд Трамп биде избран за претседател на САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, нагласувајќи дека Европа „нема да може сама да го поднесе товарот на војната“.

Орбан се противи на воената помош за Украина и јасно стави до знаење дека мисли оти поранешниот американски претседател Трамп ги споделува истите ставови и би преговарал за мирно решение за Украина.

Тој го поддржува Трамп, републиканскиот кандидат кој на изборите на 5 ноември ќе се соочи со демократската кандидатка и актуелна потпретседателка на САД, Камала Харис.

„Ние (во Европа) мора да разбереме дека ако во Америка има претседател кој е за мир, тогаш и Европа не може да остане провоена“, рече Орбан на 3 ноември.

Видете и ова: Орбан: Сегашната стратегија за Украина не функционира

Тој изјави и дека Украина ќе биде високо на агендата на состанокот на европските лидери во Будимпешта следната недела, алудирајќи на состанокот на Европската политичка заедница и најавената неформална средба на лидерите на ЕУ.

„Европа не може сама да го носи товарот [на војната] и ако Американците се придвижат кон мир, тогаш треба и ние да се приспособиме. Ќе разговараме за ова во Будимпешта“, рече Орбан.

Европа го чека исходот од изборите во САД за да види како тоа ќе се одрази на војната во Украина.

Орбан го налути Брисел со неговите блиски врски со Русија и противењето на помошта за Украина, пишува Ројтерс.

Видете и ова: Трамп вети крај на војните и ослободување на американските заложници

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во јули изјави дека унгарската влада го гледа Трамп како „шанса за мир“ во Украина.

Орбан во јули изјави дека неговиот тим им помага на соработниците на Трамп за политиките за семејствата и миграцијата.

Унгарскиот премиер во четвртокот му се јави на Трамп за да му посака среќа пред американските избори во вторник, 5 ноември.