Три дена пред изборите, патиштата на Харис и Трамп се вкрстија во Северна Каролина

Камала Харис и Доналд Трамп.

Необична глетка ја пречека демократската кандидатка за претседател на САД, Камала Харис, при пристигнувањето во Северна Каролина на 2 ноември – авионот со црвена, бела и сина боја на Доналд Трамп, нејзиниот републикански ривал, беше таму.

Додека Харис излегуваше од потпретседателскиот авион „Ер форс“ на аеродромот во Шарлот, приватниот „боинг 757“ на Трамп беше паркиран во близина. Меѓутоа, нејасно е дали Трамп беше во неговиот авион во моментот на пристигнување на Харис.

Сепак, тоа што нивните авиони ја делеа пистата беше илустрација како двајцата кандидати во последните денови од кампањата се фокусираат на неколкуте клучни држави за кои се смета дека ќе бидат одлучувачки за исходот од претседателските избори на 5 ноември.

Видете и ова: Харис или Трамп – колку е важно за Северна Македонија кој ќе победи?

Веќе четири дена по ред тие водат кампања во иста сојузна држава.

Седум држави се сметаат за клучни, но, пишува Ројтерс, анкета објавена во саботата покажа изненадувачко водство на Харис и во Ајова, држава која Трамп лесно ја доби во последните два изборни циклуси.

За овие избори, како „одлучувачки“ се сметаат државите: Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Аризона, Невада, Џорџија и Северна Каролина.

Во своите настапи деновиве и Харис и Трамп се фокусираа на познати теми од нивната кампања.

Видете и ова: Зошто изборите во САД се сведуваат на седум одлучувачки држави?

Трамп најавува дека ќе депортира милиони имигранти доколку биде избран и предупреди дека ако Харис победи, „секој град во Америка ќе биде претворен во беден, опасен бегалски камп“.

Харис, пак, вели дека Трамп ќе ја злоупотреби својата моќ доколку се врати во Белата куќа.

„Ова е некој кој е сè понестабилен, опседнат со одмазда, обземен од поплаки. Овој човек бара неконтролирана моќ“, рече таа.

Повеќе од 75 милиони Американци веќе гласаа на изборите предвреме и по пошта. Изборниот ден е на 5 ноември. Идниот претседател на САД, Камала Харис или Доналд Трамп, ќе ја презеде функцијата во јануари 2025 година.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Како се избира претседател на САД?