Жителите на Молдавија денеска (3 ноември) гласаат во вториот круг од претседателските избори – избираат меѓу актуелната, проевропска претседателка и нејзиниот ривал кој се соочува со критики дека е пријател на Русија.
Во земјата која се наоѓа на раскрсницата поради политичката поделба помеѓу исток и запад, актуелната претседателка Маја Санду победи во првиот круг од изборите на 20 октомври со 42 отсто од гласовите.
Нејзиниот противкандидат, кој ја доби поддршката од проруската партија на социјалисти на Молдавија, поранешниот главен обвинител Александар Стојаногло тогаш освои 26 отсто од гласовите.
Видете и ова: Двајцата кандидати во трката за претседател на МолдавијаИзборите се одржуваат во атмосфера на обвинувања за руско мешање во претседателската трка и во референдумот за потенцијалната понатамошна интеграција на Молдавија во Европската унија, курс што го поддржуваат Санду и нејзините поддржувачи.
Референдумот за интеграција на Молдавија во ЕУ, одржан истовремено со првиот круг од претседателските избори, помина со мала разлика – 50,38 отсто беа за проевропската струја, и покрај тоа што таборот „не“ беше во водство на почетокот на броењето на гласовите.
Но, Санду набрзо излезе со тврдења дека „криминалните групи заедно со странските сили“ се обиделе да „купат 300.000 гласови“ што значително влијаеше на конечниот резултат за разлика од тоа што го покажуваа анкетите пред гласањето.
Анкетите, исто така, покажаа дека Санду лесно победи во првиот круг од претседателските избори, но социјалистичкиот предизвикувач Стојаногло изненади со подобар резултат од очекуваниот обезбедувајќи втор круг од гласањето.
Во вториот круг денеска Стојаногло би можел да добие дополнителна поддршка од националистичките и проруските групи што може да ги загрози надежите за реизбор на Санду.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Молдавија има нешто повеќе од три милиони регистрирани гласачи, вклучувајќи ги и оние во дијаспората.
Педесет и двегодишната Санду дипломирала на Харвард и е поранешен вработен во Светска банка. Таа стана првата жена претседателка на Молдавија, со убедлива победа во 2020 година кога настапи со силна проевропска порака и ветување за борба против корупцијата.
Но, нејзината поддршка опадна поради пандемијата на коронавирус и уништената економија, како и зголемените тензии со Русија.
Како претседателка, Санду одигра клучна улога во обезбедувањето на кандидатурата на Молдавија за членство во ЕУ, што стана особено важно по руската инвазија на Украина започната неколку месеци претходно.
За време на нејзиниот претседателски мандат, Санда беше критикувана од про-Кремљ политичките партии кои ја обвинија дека го поттикнува конфликтот со Москва.
Стојаногло (57) беше главен обвинител на Молдавија помеѓу 2019 и 2021 година и неговата кампања беше посветена на законот и редот, иако беше критикуван за наводен неуспех да се справи со корупцијата на високо ниво.
Стојаногло остана на ставот дека не е политички определен и ги отфрли обвинувањата дека е „човек на Москва“. Неговата реакција на војната во Украина беше двосмислена, изјавувајќи дека има „негативен став“ за конфликтот, но директно не ја осуди Русија за инвазијата.
Молдавија е една од најсиромашните земји во Европа со значително руско малцинство и со сепаратистичкиот регион Придњестровје на левиот брег на реката Днестар, кој е поддржан од Москва.
Видете и ова: Што ни покажаа Молдавија и Грузија за отпорот против руското влијание?Русија, која сè уште има околу 1.500 војници во молдавскиот сепаратистички регион Придњестровје, на 1 ноември соопшти дека го следи вториот круг од изборите, но негираше какво било мешање и покрај обвинувањата од Санду и Западот.
Исто така, молдавскиот Национален антикорупциски центар (ЦНА) на 1 ноември објави дека полицијата и обвинителството извршиле рација на неколку локации во земјата како дел од шест кривични истраги за изборна корупција.
Прелиминарните резултати се очекува да бидат објавени во 22 часот, а првите официјални резултати по полноќ.