Македонскиот научник Васко Саздовски е меѓу загинатите во Нови Сад

Васко Саздовски, македонски научник кој загина во несреќата на железничката станица во Нови Сад.

Државјанинот на Северна Македонија кој е меѓу 14-те загинати во несреќата на железничката станица во Нови Сад, е научникот Васко Саздовски, роден 1979 година.

Пред нешто повеќе од една година, Саздовски почнал да работи во Институтот „Биосенс“ каде се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството. Бил ангажиран во центарот за сензорски технологии.

Како што раскажуваат неговите колеги, пренесуваат српските медиуми, тој речиси секој викенд патувал за Северна Македонија каде живеат неговата сопруга и двете деца. Да го посети семејството тргнал и на кобниот 1 ноември.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека се во комуникација со српските власти и ќе му помогнат на семејството.

Видете и ова: Што досега се знае за несреќата во Нови Сад?

Во Нови Сад е прогласена тридневна жалост, а во цела Србија, денеска, 2 ноември, е Ден на жалост. Ден на жалост прогласи и Република Српска, како и Црна Гора.

Амбасадата на Република Србија во Скопје соопшти дека во нејзините простории е отворена Книга на жалост, а македонските граѓани може да го изразат своето сочувство од денеска до 4 ноември, од 12 до 18 часот. Меѓу првите во Книгата на жалост се запиша и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.

„Моите мисли и молитви се со семејствата и блиските на оние кои трагично го загубија животот, меѓу кои и еден Македонец. Во знак на почит и солидарност, утрово остварив телефонски разговор со српскиот претседател, господинот Александар Вучиќ, кому му го изразив моето длабоко сочувство и поддршка во овие моменти на голема тага“, напиша Сиљановска-Давкова на социјалните мрежи.

Сочувство по трагедијата во Нови Сад изрази и останатиот државен и политички врв во Северна Македонија.

За несреќата е започната истрага, а Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека денеска ќе бидат сослушани најмалку 20 лица инволвирани во проектот за реконструкција на железничката страница.

Видете и ова: Најмалку 20 лица на сослушување во српското обвинителство по несреќата во Нови Сад

Реконструкцијата на железничката станица траеше околу три години, а беше пуштена во употреба во јули годинава. Српскиот претседател Алекснадар Вучиќ изјави дека некој ќе треба да објасни зошто во целиот проект, не е реконструирана и настрешницата која се сруши, а побара и политичка и кривична одговорност.

Одговорност од властите побара и дел од опозицијата во Србија.