Власта очекува автопатот Прилеп-Битола да биде готов во 2027 година

Премиерот Мицкоски и министерот Николоски на увид во работата на автопатите што во Северна Македонија ги градат „Бехтел и Енка“.

Власта во Северна Македонија очекува автопатот Прилеп-Битола да биде готов за три години односно во 2027. Оваа делница е дел од коридорот 10Д, а ја гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски, како и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер денеска правеа увид на терен.

Автопатот Прилеп-Битола треба да биде долг 40 километри, а во моментов, според она што беше соопштено, фронт на работа се шест километри.

Видете и ова: Од историски криминал до историски проект за ВМРО- ДПМНЕ

Од околу 1.300 парцели, експропријација е направена на 850. На терен досега се пронајдени околу 19.500 експлозивни материјали кои се отстрануваат со помош на Армијата. Досега се извадени околу 200.

„Ние сега сме еден чекор пред ’Бехтел и Енка‘. Ако претходно чекаа зашто не беше извршена експропријацијата, ако чекаа бидејќи не беше решено деминирањето, сега тоа е решено и нема да плаќаме толку пенали, туку, напротив, ’Бехтел и Енка‘ треба да не следи нас“, изјави директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.

Министерот Николоски рече дека со автопатското поврзување од Скопје до Прилеп ќе се патува за 1 час и 15 минути, а час и половина до Битола.

„Овој автопат води до два големи центри во Македонија, до Прилеп и до Битола, а тука води и до границата со Грција, до нашиот втор граничен премин со Грција, што значи целосно отворање и за туризмот и за економијата“, рече Николоски.

„Бехтел и Енка“ треба да го изградат и коридорот 8 – од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан.

Видете и ова: Автопатите на „Бехтел и Енка“ заглавуваат и во судови

Договорот со американско-турскиот конзорциум беше потпишан во време на минатата власт предводена од СДСМ и ДУИ кога ВМРО-ДПМНЕ како опозиција обвинуваше за „историски криминал“.

„Граѓаните секојдневно гледаат како Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги промовираат и се фалат со проектите на СДСМ за коридорите кои ги напаѓаа и велеа дека се криминални и штетни. Од историски криминал, коридорите на Бехтел и Енка станаа историски значајни проекти, слепите тунели кон Бугарија наеднаш прогледаа, а наводните криминални зделки сега се добри за ВМРО-ДПМНЕ“, реагираа денеска од СДСМ.

Собранието во јули 2021 донесе Закон за стратешко партнерство со „Бехтел и Енка“ за градба на автопатиштата, а целиот проект од самиот старт го следат контроверзии. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзуваше со скандали со фирмите кои беа избрани за надзорот. Случај отвори и обвинителството.

Инаку, проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д, како што наведува компанијата „Енка“ на својата веб-страница, вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт итн.