Најмалку 20 лица на сослушување во српското обвинителство по несреќата во Нови Сад

Нови Сад, ден по несреќата на главната железничка станица.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека во текот на денот ќе бидат сослушани најмалку 20 лица за да се утврдат „сите суштински елементи на кривични дела и кривична одговорност“ за несреќата на железничката станица во Нови Сад.

Во вчерашната несреќа падна настрешницата пред влезот на главната железничка станица во овој град при што загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени.

Според соопштението на Вишото обвинителство, меѓу другите, ќе бидат сослушани претставници од Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, надлежниот министер Горан Весиќ, претставници од Железници Србија и Заводот за заштита на спомениците на културата на градот Нови Сад, како и други лица.

Видете и ова: Што досега се знае за несреќата во Нови Сад?

Универзитетскиот клинички центар во Војводина (УКЦВ) на 2 ноември потврди дека нема нови жртви, а тројца од повредените сè уште се во тешка состојба.

„Оперативно се третирани, во тек е дополнителна дијагностика, но сите тројца се во многу тешка состојба. Многу е тешко да се дадат прогнози. Станува збор за многу тешки телесни повреди кои се опасни по живот“, изјави директорката Весна Туркулов за РТС.

Досега, според информациите на новосадската полиција, идентификувани се тринаесет жртви.

Една од жртвите е државјанин на Северна Македонија, кој како што веќе објавија медиумите во Србија, е 45-годишен Македонец кој како научник работел во институт во Нови Сад, каде се истражуваат информатички технологии за земјоделството.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Несреќа на железничката станица во Нови Сад

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјава дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски разговарал со неговиот српски колега и оти како Влада ќе помогнат колку што на семејството на настраданиот македонски државјанин.

Инаку, спасувачката акција во Нови Сад траеше до доцна вечерта на 1 ноември, екипите во текот на целиот ден ги извлекуваа жртвите од под урнатините.

Зградата на главната железничка станица во Нови Сад беше отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција. Единствениот дел кој не бил реновиран била настрешницата.