Пентагон најави распоредување дополнително оружје за одбрана на Блискиот Исток

Носач на авиони УСС во Персискиот залив (фотоархива).

Секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, нареди распоредување дополнително оружје за одбрана од балистички ракети, борбени ескадрили и авиони танкер, како и неколку бомбардери со долг дострел Б-52 на Блискиот Исток, соопшти Пентагон на 1 ноември.

Дополнително оружје ќе биде распоредено во знак на предупредување за Иран.

Новите вооружени сили ќе почнат да пристигнуваат во регионот во следните месеци за да ја заменат ударната група на носачи на авиони УСС, Абрахам Линколн, која е во заминување, изјави портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер.

Видете и ова: Нетанјаху: Договорот за прекин на огнот со Хезболах мора да гарантира безбедност на Израел

Најавата доаѓа три недели откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека му наредил на Пентагон да испрати напреден противракетен систем и војници во Израел, како дел од напорите на САД да го поддржат сојузникот Израел и да изградат позиции на источниот Медитеран.

„Овие потези ја демонстрираат флексибилната природа на глобалната одбранбена положба на САД и способноста да распоредат свои сили низ светот за кратко време за да се справат со растечките закани за националната безбедност“, рече Рајдер.

Во соопштението се додава дека секретарот за одбрана Лојд Остин „продолжува јасно да покажува дека доколку Иран и неговите партнери го искористат овој момент за да го нападнат американскиот персонал или да ги загрозат интересите во регионот, Соединетите држави ќе ги преземат сите неопходни мерки за одбрана на нашиот народ“.

Американскиот нуклеарен бомбардер Б-52 неколку пати беше распореден на Блискиот Исток како предупредување до Иран. Рајдер не прецизираше колку авиони и бродови ќе бидат распоредени во наредниот период.

Видете и ова: Претставник на Хамас вели дека бараат траен прекин на огнот, а не привремено примирје

Тој изјави дека потезите се во согласност со обврските на САД да ги заштитат американските граѓани и американските сили на Блискиот исток, да го бранат Израел и да ја деескалираат ситуацијата преку одвраќање и дипломатија.

Најавата на Пентагон за распоредување дополнително оружје за одбрана на Блискиот исток доаѓа во екот на војната во Газа меѓу Израел и Хамас, кои САД и ЕУ го прогласија за терористичка организација, како и во екот на војната во Либан меѓу Израел и Хезболах, кој исто така е на црната листа на САД додека ЕУ го санкционираше само вооруженото крило на групата, но не и политичката партија.

САД инсистираат на прекин на огнот на Блискиот исток, а официјалните претставници на земјата постојано повторуваат дека ќе го бранат Израел и ќе продолжат да го штитат американското и сојузничкото присуство во регионот.