Во текот на вчерашниот ден, 1 ноември, во два одделни случаи – во Арачиново и Штип, убиени се две лица.
Во скопско Арачиново, вчера во попладневните часови во вооружен инцидент биле ранети две лица на 50 и 19-годишна возраст. Тие биле пренесени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, но 50-годишникот починал и покрај обидите на медицинските тимови за реанимација.
„На 01.11.2024 околу 19 часот од Ургентен центар Мајка Тереза во СВР Скопје е пријавено дека со повреди од огнено оружје биле донесени С.А. и А.А. од Арачиново. Според пријавеното, во нив во селото Арачиново било пукано со огнено оружје од страна на две лица кои биле со возило ауди“, информираа од МВР.
Од Јавното обвинителство, пак, соопштија дека според првичните сознанија можен мотив се „нерасчистени должничко-доверителски односи“. За настанот, едно лице е приведено, а по второ се трага.
Видете и ова: Мафијашки убиства и престрелки ги вознемируваат граѓаните – како да се пресретнат?Во Штип, пак, убиена е 29-годишна жена, а според првичните информации осомничен е нејзиниот 25-годишен партнер.
Според првичните информации од полицијата, синоќа околу 20:15 часот во полициската станица дошол Ф.З. (25) од Штип и пријавил дека ја убил неговата партнерка Е.П. Тој кажал дека телото се наоѓа во објект во Штип, кое подоцна било пронајдено од полицијата.
„Дежурен јавен обвинител од Штип изврши увид на лице место каде според првичните информации, во близина на сопствениот дом била лишена од живот една 29-годишна жена. Едно лице е задржано во полициска станица. При увидот беа подигнати траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење со цел утврдување на околностите“, соопштија од Јавното обвинителство.
Видете и ова: Молкот „соучесник“ во убиства на женитеТелото на убиената жена е дадено на обдукција.
На територијата на Северна Македонија во 2023 година имало 23 убиства. Во 2024, според инфорамциите кои во четвртокот (31 октомври) ги соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, до крајот на минатиот месец се регистрирани 16 убиства.