Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 1 ноември ги критикуваше партнерите на Киев за недостаток на акција како одговор на руското распоредување севернокорејски трупи, пренесува украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Украина знае каде Русија на нејзина територија собира војници од Северна Кореја, а превентивен напад би бил можен доколку Киев не биде ограничен, рече Зеленски.
Соединетите Американски Држави (САД) на 31 октомври соопштија дека имаат информации оти околу 8.000 севернокорејски војници се наоѓаат во руската област Курск, во близина на границата со Украина, и Русија „има намера целосно“ да ги распореди во борбата против украинските војници.
Видете и ова: Хуи: Северна Кореја ќе биде со Русија до конечната победа во УкраинаЗеленски на Телеграм се пожали дека САД и другите сојузници „само гледаат“ наместо да и дозволат на Украина да користи оружје со долг дострел, доставено од САД, за да може гаѓа воени цели во Русија.
„Сите само чекаат севернокорејската армија да почне да ги напаѓа Украинците“, рече тој.
Тој додаде дека сите земји кои сакаат војната да не се прошири во другите региони во светот „треба да дејствуваат“.
Зеленски со месеци ги повикува сојузниците на Украина да им дозволат на нејзините сили да користат напредно западно оружје за цели подлабоко на руска територија. Тој го повтори апелот по рускиот напад на Харкив на 31 октомври, во кој загинаа три лица, а најмалку 36 беа ранети.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во септември изјави дека употребата на донираното американско оружје за долгосежни напади против Русија нема да го сврти бранот на војната во корист на Украина.
САД и нивните сојузници претходно ја отфрлија можноста оружјето што и го донираа на Украина да се користи за таргетирање цели подлабоко на руска територија поради загриженоста дека тоа би можело да доведе до руска одмазда со нуклеарно оружје.
Видете и ова: САД го осудија лансирањето на балистичката ракета на Северна Кореја кон Јапонското МореОстин и американскиот државен секретар Антони Блинкен разговараа со нивните јужнокорејски колеги на 31 октомври во Вашингтон за распоредувањето и тестирањето на интерконтиненталната балистичка ракета (ICBM), потег што Пјонгјанг го направи рано на 31 октомври.
„Силно апелираме (Северна Кореја) веднаш да ја прекине серијата провокативни и дестабилизирачки дејствија кои ги загрозуваат мирот и безбедноста на Корејскиот полуостров и пошироко“, се вели во заедничката изјава, во која не се споменува Украина.
Пентагон претходно изрази загриженост за вмешаноста на севернокорејските трупи во војната и изјави дека тие ќе станат „легитимни воени цели“ доколку бидат распоредени на бојното поле.