Есенска кошница - Според власта заштедата е до 1360, според опозицијата 57 денари

Илустрација

Мерката за ограничување на маржите на одредени производи, односно есенската кошничка овозможила едно четиричлено семејство да заштеди од 690 до 1360 денари, зависно од начинот на исхрана и од изборот на маркети, вели министерот за економија, Бесар Дурмиши, според кој со есенската кошничка се спречило наглото зголемување на цените.

„Со есенската кошничка цените на производите се намалија за пет до десет отсто. Има и производи кои не се воопшто или се многу малку намалени како лебот, млекото, маслата за јадење, но и производи чии цени се намалени за над 10 проценти, како месото, зеленчукот, млечните продукти“, изјави министерот.

Според опозициската СДСМ, пак, граѓаните почувствувале само разочарување и заштеда од симболични 57 денари за еден месец.

„Дурмиши очигледно не бил во маркет, не ги видел цените дека нема намалување и дека најголемиот дел од производите останаа со исти цени.Тоа што само за неколку производи се намалија цените со незначителни суми е најголема потврда за неефикасната мерка, која беше лошо осмислена и им дозволи на трговците прво да ги зголемат цените пред да стапи на сила“ велат од СДСМ и најавуваат дека партијата ќе поднесе закон за, како што велат, вистинско намалување на цените.

Видете и ова: Скапа храна, празни рафтови за „есенската кошничка“

Одлуката на Владата за посебни услови за трговијата на одделни стоки предвиде ограничување на профитните маржи до 10 отсто на 73 основни прехранбени производи, а Дурмиши најави Божиќна кошничка кон крајот на годината, а потоа и рамазанска, велигденска...

Тој од ноември очекува дополнително намалување на цените зашто почна примената на Законот за трговски практики. Министерот потсети дека есенската кошничка од вчера веќе не е на сила, но најави дека ако дојде до покачување на цените ќе се преземат поригорозни мерки.

Законот за забрана на нефер трговски практики се применува од 28 септември. Тој предвидува повеќе од 2500 земјоделски и прехранбени производи да имаат ограничени маржи до 10 отсто (тоа е разликата меѓу цената по која набавуваат одреден производ и по која потоа ќе го продаваат).