Северна Кореја ќе биде со Русија до нејзината конечна „победа“ во Украина, изјави севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи во Москва. Шефицата за дипломатија ја даде изјавата по денешните разговори со нејзиниот руски колега Сергеј Лавров.
Таа е во Москва во период кога Западот вели дека илјадници севернокорејски војници се во Русија и најверојатно ќе бидат пратени во борба против Украина.
„Повторуваме дека секогаш ќе стоиме цврсто покрај нашите руски другари до денот на победата“, рече Хуи.
„Не се сомневаме дека под мудро водство на чесниот руски претседател Владимир Путин, руската армија и народ сигурно ќе постигнат голема победа во својата света борба за одбрана на суверените права и безбедноста на својата држава“, додаде таа.
Рускиот колега Лавров ги поздрави блиските односи меѓу армиите и специјалните служби на двете земји.
Москва летово потпиша договор за меѓусебна одбрана со Пјонгјанг.
„Воспоставени се многу блиски односи меѓу војската и специјалните служби на двете земји. Ова, исто така, ќе овозможи да се решат значајните безбедносни цели за нашите и вашите граѓани“, рече Лавров.
Видете и ова: Дали севернокорејските трупи се „фер игра“ во војната на Русија против Украина?Тој рече дека Москва е „длабоко благодарна на нашите корејски пријатели за нивната принципиелна позиција за настаните што се случија во Украина“.
Ниту еден министер не ги спомна извештаите на Западот за распоредувањето на севернокорејските војници.
Двајцата претходно открија спомен плоча во чест на посетата на севернокорејскиот Ким Ил-Сунг на СССР во 1949 година.
САД соопштија дека 8000 севернокорејски војници се обучуваат во Русија и дека би можеле да бидат распоредени да се борат во Украина. Во четвртокот, украинскиот претседател Володимир Зеленски, говорејќи за јужнокорејските медиуми, ја осуди, како што рече, неактивноста на неговите сојузници во врска со распоредувањето на севернокорејската војска.
Видете и ова: Трудо: Вклучувањето на севернокорејските трупи во Украина може да доведе до ескалацијаРусија се обидува да ги продлабочи односите со Северна Кореја откако испрати војници во Украина. Летово, претседателот Владимир Путин потпиша пакт за заемна помош со севернокорејскиот Ким Џонг Ун кога го посети Пјонгјанг.