Претставник на Хамас вели дека бараат траен прекин на огнот, а не привремено примирје

Војната во Појасот Газа трае повеќе од 1 година

Палестински Хамас отфрла каков било предлог за привремен прекин на огнот во Газа, изјави висок претставник на оваа организација, која САД и Европската Унија ја прогласија за терористичка организација.

„Идејата за привремена пауза во војната, со цел подоцна да продолжи агресијата, е нешто за што веќе го изразивме нашиот став. Хамас поддржува траен прекин на војната, а не привремен“, изјави висок функционер на организацијата, Тахер ал-Нуну, за новинската агенција АФП.

Се очекува посредниците да му предложат на Хамас примирје за „помалку од еден месец“, изјави за АФП извор запознаен со преговорите.

„Американските власти веруваат дека ако може да се постигне краткорочен договор, тоа би можело да доведе до потраен договор“, изјави изворот за новинската агенција.

Видете и ова: Новиот лидер на Хезболах вети дека ќе ја продолжи војната со Израел

Нуну рече дека групата досега не добила никаков предлог.

Сепак, тој ги повтори барањата на кои организацијата инсистира со месеци - „траен прекин на огнот, повлекување на (израелските сили) од Газа, враќање на раселените, доволна хуманитарна помош во Газа и сериозен договор за размена на затвореници“.

Видете и ова: Воените операции на Израел во Појасот Газа и Либан ги нарушуваат односите со Европа

Инаку, израелскиот парламент ја забрани работата на Агенцијата на Обединетите Нации за палестински бегалци (УНРВА) во таа земја. Забраната наиде на меѓународна осуда.

Војната започна кога милитантите на Хамас влегоа во Израел на 7 октомври минатата година, убивајќи околу 1200 луѓе и зедоа 251 заложник. Во одмаздата на Израел против Газа загинаа повеќе од 43 000 луѓе, според Министерството за здравство на Хамас.