Кремљ го демантираше извештајот на западните медиуми дека Москва и Киев биле ангажирани во тајни преговори за да ги прекинат меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура, бидејќи жртвите предизвикани од руските напади продолжија да се зголемуваат.
Повикувајќи се на високи украински извори, „Фајненшл тајмс“ на 29 октомври објави дека Киев сака да ги продолжи разговорите со посредство на Катар за ова прашање, кои беа прекинати во август со упадот на Украина во руската област Курск.
Украина не го коментираше извештајот, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на 30 октомври ги отфрли информациите како „лажни“, велејќи дека кружат гласини „кои немаат никаква врска со реалноста“ и додавајќи:
„Дури и најпочитуваните медиуми не се двоумат да објавуваат такви измислици“.
Од есента 2022 година, Русија систематски ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина, што резултира со огромни штети, недостиг на енергија и беда за украинските цивили, особено за време на зимската сезона.
Видете и ова: Енергетска и цивилна инфраструтура мета на руските напади врз УкраинаВо текот на изминатите неколку месеци, Украина, пак, почна да ги погодува руските енергетски центри со свои беспилотни летала, главно рафинерии за нафта и складишта за гориво кои ја снабдуваат руската војска ангажирана во инвазијата на Украина.
Минатиот месец, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека руските напади однеле повеќе од половина од енергетската инфраструктура на Украина, додавајќи дека блокот работи на нејзино обновување.
Во меѓувреме, Русија продолжи да гаѓа цивили во Украина, при што загинаа три лица, а беа ранети уште 15 во нападите врз јужниот регион Херсон, изјави гувернерот на регионот Олександр Прокудин.
Видете и ова: Оштетена електрана во Русија откако Украина лансираше десетици дроновиВо Киев, девет лица беа ранети за време на напад со руско беспилотно летало рано на 30 октомври, објави градската воена администрација на Телеграм.
Цел на нападот била областа Соломјанкиј, соопштија властите.
„Пожар избувна во неколку станови во повеќекатната станбена зграда. Осумнаесет лица се евакуирани од зградата, 9 се ранети, меѓу кои и едно дете“, се вели во пораката.
Украинските системи за противвоздушна одбрана соборија 33 од 62 беспилотни летала лансирани од Русија во 10 украински региони - Киев, Черкаси, Хмелницки, Харкив, Запорожје, Доњецк, Днепропетровск, Суми, Чернихив и Полтава, објавија украинските воздухопловни сили.