Мицкоски: Предлог уставни измени во Собранието, пред формирање влада во Бугарија, е наивно

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски очекува извештајот на Европската Kомисија за напредокот на земјата, што треба да биде објавен денеска (30 октомври), да биде сличен како и претходниот извештај со одредени подобрувања во некои области.

„Од овој извештај од тоа што можам да го добијам како неофицијална информација опфаќа период од 10 месеци од претходната влада и техничката влада, два месеци од оваа Влада и е нешто помал бидејќи е променет форматот за да биде прегледен за граѓаните и за јавноста. Очекувам да биде нешто слично како и минатиот извештај, можеби во некои области да има некакви подобрувања, но да го добиеме и официјално, па ќе го коментираме“, рече Мицкоски.

Во изјава за медиумите дадена денеска во општина Ѓорче Петров, премиерот рече дека ќе даде свое мислење за извештајот откако тој ќе биде објавен.

Во нацрт извештајот на ЕК во кој Радио Слободна Европа имаше увид меѓудругото се наведува дека Северна Македонија сè уште нема усвоено релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата како што се Бугарите.

Покрај усвојувањето на уставните измени во Извештајот се нагласува потребата од „спроведување со добра волја“ на билатералните договори со соседните земји, односно на Договорот од Преспа и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Видете и ова: ЕУ извештај за проширување - Северна Македонија ги нема усвоено уставните измени

Мицкоски вели дека доставување на Предлог уставни измени до Собранието пред да биде формирана влада во Бугарија, „би било наивно“ и „таков унилатерален потег би значел целосно загрозување, и на така загрозените евроинтеграции на државата поради авантурите на претходната влада“.

За можноста да се изгради натпартиски став за уставните измени со одложено дејство, Мицкоски, повтори дека во својот говор на 23 Октомври повикал на „натпартиска позиција за многу од отворените прашања“.

Во врска со можноста ЛДП да влезе во владината коалиција, рече дека за тоа не е разговарано ниту во рамки на коалицијата, ниту во рамки на партијата, но дека „секоја поддршка од пратеник што ги поддржува политиките на оваа Влада е добредојдена во рамки на гласањето во Парламентот“.