Харис и Трамп со завршни пораки во изборната кампања

Камала Харис и Доналд Трамп

Американската потпретседателка Камала Харис го критикуваше поранешниот претседател Доналд Трамп како нестабилен и опседнат со одмазда на предизборниот митинг на местото во близина на Белата куќа каде што на 6 јануари 2021 година Трамп им се обрати на своите поддржувачи пред тие да го нападнат Капитол.

Говорејќи во Вашингтон на 29 октомври, додека претседателските избори во САД се во својата последна недела, Харис, кандидатката на Демократската партија на изборите на 5 ноември, го кажа она што нејзината кампања го нарече „завршна порака“.

Харис вети дека ќе биде „претседателка на сите Американци“, додека го етикетираше својот проивкандидат како личност која е „нестабилна, опседната со одмазда, обземена од поплаки и неконтролирана моќ“.

Организаторите рекоа дека на собирот присуствувале околу 75 000 луѓе, иако таа бројка не била потврдена од полицијата или независните набљудувачи.

Некои поддржувачи на Харис стоеја во ред повеќе од седум часа чекајќи го нејзиниот говор во паркот каде Трамп зборуваше пред толпа луѓе да го нападне американскиот законодавен дом Капитол во обид да ги наруши изборните резултати во 2021 година.

Видете и ова: Мишел Обама ја поддржа Камала Харис, Трамп побара поддршка од муслиманите

Пред говорот на Харис пак, Трамп се обрати од неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида, велејќи дека „Харис е таа што шири омраза и поделби и спроведува кампања на омраза“.

Подоцна, на 29 октомври, Трамп одржа настан во Алентаун, Пенсилванија, град кој е дом на голема порториканска заедница во една од седумте држави кои се сметаат за одлучувачки за изборите.

Самите жители на Порторико не гласаат за претседател, но гласаат речиси 6 милиони луѓе од островот Кариби кои мигрирале и сега живеат во САД.

Видете и ова: Харис или Трамп – колку е важно за Северна Македонија кој ќе победи?

Повеќе од 50 милиони луѓе веќе го дадоа својот глас предвреме или по пошта, на една недела до денот на изборите кои укажуваат на исклучително тесна трка.

Во меѓувреме предноста на демократскиот кандидат Камала Харис, е намалена на еден процент во однос на републиканскиот ривал Доналд Трамп и сега има 44 отсто поддршка наспроти 43 отсто поддршка за Трамп, покажува анкета на Ројтерс/Ипсос објавена вчера (29 октомври).