Кривична пријава против поранешен времен директор на Управата за заштита на културното наследство и управителот на кичевската фирма за обезбедување „2СС“ поднесе охридската полиција. Првиот е осомничен за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ додека вториот за „несовесно работење во службата“.
Во полициското соопштение е наведено дека 49 годишниот А.А во својство на в.д. директор без да изврши контрола кај локалитетот „Плаошник“ во Охрид, дозволил агенцијата за обезбедување имоти и лица „2СС“ со седиште во Кичево да се незаконски да заработи 80 илјади евра, со тоа што не се придржувал до потпишаниот договор за физичко и техничко обезбедување на локалитетот.
Видете и ова: Потрошени 12 милиони евра за Универзитетот на Плаошник, а него го нема
„Второпријавениот се товари дека како одговорно лице во агенцијата, по склучување на договорот со Управата не постапил по истиот и целосно не ги исполнил предвидените технички услови и ангажирал помал број вработени лица. Тој исто така не се придржувал на законот за приватно обезбедување каде јасно е предвидено дека секој вработен треба да поседува лиценца и легитимација“, се вели во соопштението на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Станува збор за последниот договор кој оваа фирма го склучила со Управата за заштита на културното наследство во 2022 година. Само во изминативе четири години со оваа институција склучила седум договори за јавна набавка - обезбедување на локалитетот на скопското Кале, охридскиот Плаошник и деловен простор на институцијата на Павел Шатев во вредност од над 200 илјади евра.
Во изминативе четири години оваа компанија има потпишано околу сто договори за јавни набавки за обезбедување на голме број на институции во вредност од над 7 милиони евра.