САД, Канада и Шведска ги преиспитуваат односите со Грузија

Поддржувачите на грузиската опозиција се собраа на протест против резултатите од парламентарните избори кои покажаа победа на владејачката партија Грузиски сон, пред зградата на парламентот во центарот на Тбилиси на 28 октомври.

Соединетите држави, Канада и Шведска изразија критика по парламентарните избори во Грузија откако проруската владејачка партија „Грузиски сон“ соопшти дека победила, иако постојат извештаи за широко распространети нерегуларности и масовни протести на поддржувачите на опозицијата кои велат дека гласањето било наместено и изманипулирано од Москва.

Канада и Шведска најавија конкретни потези насочени кон актуелната грузиска влада.

Шведска објави дека прекинува секаква директна соработка со грузиската влада, додека Канада соопшти дека ги разгледува своите врски со властите во Тбилиси.

Шведскиот министер за развојна соработка и надворешна трговија, Бенџамин Доуса, изјави дека Стокхолм е „загрижен за алармантните“ политички случувања во Грузија и дека неправилностите пријавени од западните набљудувачи ја потврдуваат таа загриженост.

„Затоа, владата ја прекинува директната шведско-грузиска соработка, која сè уште е во тек, вклучително и со грузиската даночна управа“, рече Доуса.

Во исто време, Шведска ќе одвои еквивалент на околу 2,3 милиони американски долари средства за граѓанското општество во Грузија, рече тој.

Видете и ова: Орбан од Тбилиси: Изборите во Грузија беа фер


Во меѓувреме, канадското Министерство за надворешни работи изрази загриженост во соопштението за, како што ги нарече, „раширените акти на заплашување гласачи, купување гласови и други нерегуларности на денот на изборите“, пријавени од меѓународни набљудувачи кои го следеа гласањето.

„Во координација со нашите Г7 и европските партнери, и во светло на однесувањето и резултатите од овие избори, Канада ќе ги преиспита односите со грузиското раководство. Канада останува отворена за соработка со Грузија, се додека грузиското раководство ги почитува демократијата, човековите права, владеењето на правото и се осврнува на неодамнешното назадување на демократијата“, се вели во соопштението.

Американскиот сенатор Бен Кардин и претседател на Комисијата за надворешни односи на Сенатот, изјави дека пријавените неправилности се „вознемирувачки и разочарувачки“ и до ова доаѓа откако Европа и САД „постојано предупредуваа“ за демократското назадување на Грузија.