Израел му се закани на новиот лидер на либанскиот екстремистичка организација Хезболах, Наим Касем, неколку часа откако беше објавено дека ќе го замени поранешниот лидер Хасан Насрала, кој беше убиен кон крајот на септември во израелски воздушен напад во предградието на Бејрут.
„Привремена инсталација. Не за долго“, напиша израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на платформата Х со фотографија од Касем, додавајќи на хебрејски: „Одбројувањето започна“.
Ројтерс пренесува дека во 1991 година Касем бил назначен за заменик-шеф на Хезболах, организација која има воено и политичко крило. Тој беше поставен од тогашниот генерален секретар на организацијата Абас ал Мусави, кој беше убиен во напад на израелски хеликоптер следната година.
Касем остана на таа позиција кога Насрала стана лидер и долго време беше водечки портпарол на Хезболах и даваше интервјуа за странски медиуми дури и за време на прекуграничните непријателства со Израел минатата година.
Од убиството на Насрала, Касем во телевизиски интервјуа изјави дека вооружената организација Хезболах ги поддржува напорите за постигнување прекин на огнот во Либан.
„Неговиот мандат би можел да биде најкраткиот во историјата на таа терористичка организација доколку ги следи стапките на неговите претходници Хасан Насрала и Хашем Сафиједин“, објави израелската Влада на официјалниот профил на арапски јазик на платформата Х.
Сафиедин, кој се очекуваше да го замени Насрала, исто така неодамна беше убиен во израелски воздушен напад.