Две директорки осудени на условна за лажни сертификати од фирмата од која потекнува и сертификат на директорот на АНБ Христовски

Бојан Христовски, директор на Агенција за национална безбедност

Една директорка на училиште и една директорка на болница биле осудени на условни затворски казни откако признале вина за фалсификување на ТОЕФЛ Сертификат од училиштето „Јулија, ЦО. ЛТД “ во бугарскиот Пловдив, кое е истото училиште што се јавува како издавач на неговиот јазичен сертификат го посочува новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, јавува порталот „360 степени“.

И двете признале вина за што добиле условни затворски казни од две години кои би се реализирале доколку во наредните 4 години сторат ново кривично дело.

На 14 февруари, Министерството за внатрешни работи предводено од тогашниот министер во техничката влада Панче Тошковски, поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина

Пресудата е донесена на 9-ти октомври годинава. Обвинителството преквалификувано делото и наместо за „употреба на исправа со невистинита содржина“ како што стоело во пријавата на МВР, директорките се гонети за фалсификување односно дека изработиле непостоечки документ.

Видете и ова: Антикорупциска ќе го испитува именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ


Директорот на АНБ, Бојан Христовски во својата биографија со која конкурирал за асистент на Факултетот за безбедност навел дека има сертификат од истата јазична школа Јулија во Пловдив во Бугарија за која и бугарски новинари открија дека не постои на локацијата и не се занимава со издавање на ТОЕФЛ сертификати.

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, откако до институцијата пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор. Оттаму дополнително велат дека ќе се разгледува и овој спорен дел кој се однесува на исполнување на условот поседување на сертифкат ТОЕФЛ.

„Наводите се однесуваат на неисполнување на услови за именување на директор. Конкретно во делот на образование, стекнување со безбедносен сертификат, како и припадност на политичка партија. Тоа се наводите во оваа анонимна пријава. Предметот е распределен кај член. Ќе се отпочне со обезбедување на потребна документација до АНБ и Владата како орган кој го именува. По рокот за достава на овие податоци од 15 дена, и по обезбедување на документација и утврдување на фактичката состојба ќе донесеме одлука на јаван седница, изјави неодамна претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска.

Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика реакции во јавноста. Тој до неодамна беше член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Градскиот комитет на партијата во Скопје.

Опозицискиот СДСМ побара Владата да го повлече Бојан Христовски од функцијата директор на АНБ. Социјалдемократите изразија сериозни сомнежи во врска со исполнувањето на условите за негов избор на позицијата, велејќи дека е некомпетентен кадар кој ќе му служи на премиерот Христијан Мицкоски.

Владата на седница на 16 октомври го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, а на негово место го именува Бојан Христовски.