Внатрешна ревизија откри злоупотреби од 60 фирми во ФИТР

Илустрација

Околу 60 компании со различни дејности кои добиле пари од државата за иновации и развојни проекти, наместо да ги реализираат имале проекти без резултати или тие биле фиктивни или „фантомски“.

Го оштетиле буџетот и му должат вкупно 192.888.642 денари или околу 3,2 милиони евра на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) од кој во изминатите неколку години добивале грантови за поддршка на проектите.

Тоа го покажала тековната внатрешна ревизија што ја спроведува новото раководство на ФИТР.

В.д. директорот Никола Додов рече дека се откриени сериозни неправилностите во работата на Фондот кој доделувал пари без исполнети критериуми за поддршка на проекти, а спротивно на правилникот и одредбите од Законот за иновациска дејност, пари добивале и приватни здравствени установи кои со нив купувале медицинска опрема.

Додов соопшти дека ќе бидат преземени „правни чекори кон тие што не ги почитувале договорите и законските обврски“.

Од 60-те компании кои се предмет на истрага, рече, веќе се поведени постапки за наплата на побарувањата пред надлежен извршител додека за дел од нив се во постапки за поднесување кривични пријави до Обвинителството, и граѓански парници по кои понатаму ќе постапува надлежното обвинителство односно надлежните судови.

Посочи дека ревизијата открила компании кои добиле повеќе грантови за идентични проекти, а два града во земјава биле фаворизирани да добијат средства односно имале најголем процент на доделени финансии по глава на жител. Нив Додов не ги соопшти на оваа прес-конференција, но ги нарече „најиновативни“ бидејќи, како што рече, од 50 проекти, 40 завршувале во тие два града.

Загрижувачки е што и покрај овие проблеми, поранешниот менаџмент на Фондот не постапувал според законските начела. Наместо да преземе мерки против должниците, ФИТР вршел плаќања на компании кои не ги почитувале законските прописи и биле должници.

Видете и ова: Антикорупциска - Фондот за иновации да одговара за грантовите на внукот на Ахмети

Соопшти и дека според истражувањата, управител на компанија управувал со четири различни фирми кои добиле средства од Фондот.

Во однос на проектите што ги добивале приватни здравствени установи и основот врз кој тие станале корисници на ФИТР, в.д. директорот рече дека посветуваат посебно внимание во ревизијата.

„Станува збор за околу 50 приватни здравствени установи кои во изминатите пет години биле корисници на средства од Фондот. Во тек е посебна ревизија за ова прашање и веднаш штом ќе добиеме првични информации од ревизијата, јавноста ќе биде благовремено информирана“, рече Додов.

Ревизијата открила и неправилности во внатрешните процеси на ФИТР – утврдено е дека во Фондот има осуммина вработени во редовен работен однос, а во изминатиот период, заклучно со август 2024 година, рече Додов, на платен список биле евидентирани повеќе од 40 договорци со хонорари и до 60.000 денари.