Наузеда: НАТО да и обезбеди на Украина сè што и е потребно за победа

Претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда

Претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда го повика НАТО да одговори на помошта од Северна Кореја во руската војна против Украина и да му обезбеди на Киев сè што му е потребно за да победи. Вклучувајќи и дозвола за напади со западно оружје врз територијата на Русија.

„НАТО треба да одговори со обезбедување на Украина со сè што и е потребно за победа: ракети со долг дострел, дозвола за напад на воени објекти во Русија, зголемување на воената помош“, напиша Наузеда на платформата Икс.

Според него, „неодлучноста води кон ескалација, а не обратно“.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на 29 октомври го потврди присуството на севернокорејски трупи во Русија и нивното распоредување во регионот Курск за учество во војната против Украина.

Видете и ова: НАТО потврди дека севернокорејски трупи се борат за Русија

Американското Министерство за одбрана има податоци за трансфер на околу 10 000 војници од Северна Кореја во Русија на обука, како и за учеството во војната на Руската Федерација против Украина.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека на страната на Русија веќе се борат 3000 севернокорејски војници, а наскоро, како што наведе, нивниот број ќе се зголеми на 12.000.