Лајчак: Оптимист сум за напредокот на некои прашања во дијалогот Косово- Србија

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека, без разлика што на последниот состанок на дијалогот нема напредок во спроведувањето на Договорот за нормализација од 2023 година, тој е оптимист за напредокот во однос на некои други клучни прашања.

„Минатата недела бев домаќин на уште една рунда дијалог со поддршка на ЕУ на ниво на главни преговарачи, со фокус на унапредување на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија, особено преку имплементацијата на Договорот за патот кон нормализација од 2023 година. Иако не направивме пробив по ова прашање, оптимист сум за одреден напредок за некои други клучни прашања, кои ќе ги следиме во наредните недели“, напиша Лајчак на Фејсбук.

Видете и ова: Лајчак останува посредник на ЕУ во дијалогот меѓу Косово и Србија

Тој додаде дека минатата недела имал можност да се сретне со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница и да разговара за енергетската соработка во Западен Балкан и важноста на пазарната интеграција во ЕУ во услови на, како што наведува, сложеноста на односите меѓу Косово и Србија.

„Исто така, се вклучив во плодна дискусија со јапонскиот амбасадор во ЕУ, ажурирајќи ја состојбата на дијалогот и истражувајќи начини за зајакнување на нашите врски и соработка. Го ценам долгогодишното вклучување на Јапонија во Западен Балкан со цел да се поддржат реформските напори во регионот“, истакна Лајчак.

Средбата минатата недела беше прва тристрана средба меѓу косовскиот преговарач Бесник Бислими и српскиот, Петар Петковиќ по повеќе од три месеци, но на средбата повторно не постигнаа договор како да се продолжи на патот кон нормализирање на односите меѓу двете соседни земји.

Видете и ова: Преговарачите на Србија и Косово во Брисел

Бислими по тој состанок изјави дека фокусот на средбата бил да се најде начин за целосно спроведување на Основниот договор, за кој Косово и Србија се договорија на почетокот на 2023 година.

„За жал, нема резултати за главната тема за која се сретнавме. Веројатно Србија се уште инсистира на делумна имплементација, па според системот „ние нешто, вие нешто“, рече Бислими.

Српскиот главен преговарач Петковиќ рече дека Белград „не бега“ од обврските што произлегуваат од основниот договор, туку дека прва треба да се придвижи Приштина, почнувајќи од формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство.

Косово инсистира на тоа дека договорот мора прво да се потпише, иако ЕУ вели дека тој е обврзувачки за страните без разлика на потписот, а Србија претходно ја обвини дека сака само делумна имплементација.