Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека воената алијанса потврдила дека севернокорејските трупи влегле во руската област Курск, која граничи со Украина.
Говорејќи во Брисел, денеска (28 октомври), Руте го нарече потегот „значајна ескалација“ на руската инвазија врз Украина и рече дека тоа го покажува „очајот“ на рускиот претседател Владимир Путин по губењето на повеќе од 600.000 војници во војната.
Деновиве Ројтерс јави дека Северна Кореја испратила 3000 војници во Русија за да ги поддржи силите на Кремљ во војната во Украина, а се очекува да следат уште илјадници.
Пјонгјанг вети дека ќе обезбеди околу 10.000 војници, кои се очекува да бидат распоредени до декември, изјавија јужнокорејските пратеници за новинарите откако беа информирани од националната разузнавачка агенција.
„Знаци на обука на војници во Северна Кореја беа откриени во септември и октомври. Се чини дека војниците сега се распоредени во повеќе објекти за обука во Русија и се прилагодуваат на локалната средина“, изјави по брифингот, Парк Сун-вон, членка на парламентарната комисија за разузнавање.
Видете и ова: Зеленски: Русија ќе испрати севернокорејски трупи во битка за неколку денаКремљ ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја за распоредување војници на Северна Кореја како „лажна вест“, а севернокорејскиот претставник во Обединетите нации во Њујорк ги нарече „неосновани гласини“.
И Москва и Пјонгјанг, исто така, негираа трансфер на оружје, но ветија дека ќе ги зајакнат воените врски, потпишувајќи договор за заемна одбрана на самитот во јуни.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така го обвини Пјонгјанг дека се подготвува да испрати 10.000 војници во Русија. Тој ги повика своите сојузници да одговорат на доказите за вмешаноста на Северна Кореја во руската војна.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби изјави дека е можно повеќе од 3.000 севернокорејски војници сега да се испратени во Русија на обука.