Али Ахмети со писма до меѓународни лидери бара заштита на Охридскиот договор

Али АХмети, Претседател на ДУИ

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, испратил писма до претседателот и премиерот на Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, претседателката и премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, канцеларот на Германија Олаф Шолц, претседателот на Франција Емануел Макрон и државниот секретар на САД Ентони Блинкен.

Во овие писма, како што соопшти ДУИ, Ахмети ја изразува својата длабока загриженост за најновите политички и уставни случувања во Северна Македонија, кои, како што се посочува, ги загрозуваат достигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во мултиетничката држава.

Видете и ова: Бектеши: Можни се тензии по укинувањето на балансерот

„Ахмети истакнува дека трите последни одлуки – плановите за укинување на Законот за употреба на јазиците, забраната за идентификација на етничката припадност во државните институции и формирањето на владејачко мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници – претставуваат сериозни закани за мирот и стабилноста на земјата и регионот во целина. Тој повикува на заедничка акција на меѓународните лидери за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Северна Македонија, стои во соопштението.

За илустрирање на содржината на овие писма, кон соопштението е придружено писмото испратено до премиерот на Албанија, Еди Рама. Во него стои дека вознемирувачките планови, најавени од самата Влада, дека Уставниот суд ќе ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои го утврдија албанскиот јазик како еднаков службен јазик според Амандманот 5 на Уставот, претставуваат сериозен удар врз Охридскиот договор, еднаквоста, меѓуетничката хармонија и стабилноста во земјата.

Се посочува на одлуката на Уставниот суд за забрана на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции, која се наведува, го крши принципот на колективни права на етничките заедници и, со тоа, ги поништува основните механизми на балансер и принципот на Бадинтер, кои се во сржта на Охридскиот договор. Уставниот суд, се посочува понатаму, со укинувањето на изјавувањето на етничката припадност, го крши самиот Устав, чии основни вредности вклучуваат праведна и соодветна застапеност, и нè враќа во состојбата пред Охридскиот мировен договор.

Видете и ова: Политички пораки од одбележувањето на 23 годишнината од Охридскиот договор

Во писмото Ахмети укажува и на, според него, прекршувањето на принципите на Охридскиот договор во однос на формирањето на политичкото мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници по последните избори.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година. Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.