Израелската армија им нареди на жителите на 14 села во јужен Либан „веднаш“ да се евакуираат поради „своја безбедност“.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) издадоа неколку наредби за евакуација за време на воздушната и копнената офанзива чија цел беше уништување на инфраструктурата на Хезболах, милитантната група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан.
Во последното предупредување, портпаролот на ИД Авичај Адраи, кој објавува израелски соопштенија на арапски, рече дека жителите на 14 села треба да побегнат северно од реката Авали.
„Секој кој е во близина на објекти или оружје на Хезболах, го става својот живот во опасност“, напиша на X во објавата на интернет.
„Забрането е да се оди на југ. Секое движење кон југ може да биде опасно по вашиот живот. Ќе ве известиме навреме да се вратите во вашите домови штом ќе се создадат условите“, напиша тој.
Хезболах издаде слично предупредување вечерта на 26 октомври, велејќи им на жителите да ги напуштат своите домови во 25 градови низ северен Израел, за кои рече дека станале „легитимни воени цели“.
Хезболах, кој беше основан пред 40 години со помош на Иран, е прогласен за терористичка организација од страна на САД. Европската унија го стави на црната листа само вооруженото крило на организацијата, но не и политичката партија која има претставници во либанскиот парламент.
Видете и ова: Група влади и меѓународни организации собраа милијарда долари за помош на ЛибанВо меѓувреме, откако израелската војска изврши три бранови „прецизни напади врз воени цели во Иран“ рано наутро во саботата, на 26 октомври, Техеран побара од Швајцарија, која претседава со Советот за безбедност на ОН, да свика итна седница за да го осуди Израел.
Амир Саид Иравани, претставник на Иран во ОН, во писмо до Советот за безбедност рече дека „незаконските и агресивни дејствија“ на Израел се кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Иран и „флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН“.
Иранските власти изјавија дека иранската одбрана пресретнала најголем дел од проектилите, но дека четворица ирански офицери биле убиени во нападите.
Нападите од двете страни на либанско-израелската граница се интензивираа по нападот врз Израел од страна на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година. .Оттогаш, Израел спроведува воени операции во Газа против оваа група која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација.
Хезболах, како сојузник на Хамас, изјави дека нападите врз Израел ќе продолжат се додека не дојде до прекин на огнот во Појасот Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веќе ги предупреди ОН дека акциите против Хезболах нема да престанат.