Професорот на Правниот факултет и член на Комисијата за помилување, Гордан Калајџиев на својот Фејсбук профил објави дека комисијата си поднесува колективна оставка.
Оваа комисија е дел од телата на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова која по предлог на Министерството за правда одлучува кој и какво помилување ќе добијат затворенците со правосилни пресуди.
Претходно беше објавено дека Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, помилува десет осуденици по повод Денот на Македонската револуционерна борба, 23 Октомври.
Но, по ова следуваа повеќе реакции за лицата кои добија помилување, меѓу кои имаше и неколку спорни за јавноста. Попладнево Калајџиев обајви дека целата комисија се повлекува.
„Почитувани,
Со ова ја известуваме јавноста за нашата колективна оставка од позициите членови на комисијата за помилување.
Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи.
Со почит,
Проф.др Методија Каневчев, Проф.др. Гордан Калајџиев, Проф.др. Арлинда Кадри Шахиновиќ,
Др. Зора Митиќ,
М-р Ана Ѓорѓиева Ивановска
Ајтен Шаќири
26.10.2024 година“, се вели во ФБ објавата на професорот Калајџиев.
Инаку меѓу помилуваните има и лица кои беа осудени во познати случаи во јавноста. Еден од нив е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кому претседателката му скрати една година од затворската казна од која му остануваат за извршување уште околу три години.
Видете и ова: Мицкоски спорните помилувања ги препиша на СДСМ, за нив тоа е комичноТалески беше осуден на седум години затвор во предметот „Транспортер“ покренат од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кое го гонеше за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.
Делумно помилување со три месеци помала казна доби и Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“.
Меѓу делумно ослободените се и лицата: Мухарем Али од Скопје, Тодор Попов од село Миравци, Томислав Симонов од Скопје, Перо Кузмановски од Градско и Живко Делиџаков од селото Богородица. Тие добија намалување на затворските казни по два односни три месеци.
Извршувањето на затворската казна, според одлуката за помилување, пак, се заменува со условна осуда на: Акиф Равмановски од село Арачиново, Никола Трпчески од Охрид и Шенол Маслани од Арачиново.
Дел од медиумите јавија дека едно од помилуваните лица е член на наркокартелот „Барон“, а опозицискиот СДСМ реагираше дека помилувањето на вакво лице е најшокантно од целата листа.
Одлуките за помилување на осуденици, претседателот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.
Сиљановска Давкова, која функцијата ја презеде во мај, нови членови на оваа Комисија именуваше на крајот на јули годинава.