Руски дрон погоди станбена зграда во Киев

Последици од напад со руски дрон во Киев

Руско беспилотно летало погоди станбена зграда во Киев на 25 октомври, набргу откако беше објавено предупредување за воздушен напад за главниот град на Украина и околните области.

Шефот на воената администрација на Киев, Серхи Попко, изјави дека пожарот се проширил на неколку станови во зградата, која се наоѓа во област западно од центарот на градот.

Се уште нема извештаи за евентуални жртви.

На социјалните мрежи е објавена фотографија на која се гледа зградата во чад.

Горат горните катови во висококатница во областа Соломјанск која беше погодена од непријателски дрон“, изјави градоначалникот на главниот град Виталиј Кличко.

На 25 октомври околу 21:00 часот беше издадено предупредување за напад за Киев и околината на градот, како и за неколку други области.

Предупредено е дека беспилотните летала Шахед се движат западно од регионот Чернихив.

Видете и ова: Запрена изградбата на белорускиот воен камп во близина на Украина

Пред нападот на Киев, Попко предупреди дека Русија лансирала дронови кон Киев и им порача на луѓето да се засолнат.
Украинските власти во областа претходно на 25 октомври објавија дека две лица загинале, а шест биле ранети во руските напади врз земјата.

Во нападот на поштата во источниот регион Доњецк две лица загинаа, а едно е рането, соопшти гувернерот на регионот Вадим Филашкин.

„Русите уште еднаш извршија намерен напад на цивилен објект - поштата и ги оштетија административните згради“, рече Филашкин.

Во јужниот регион Керсон, пет цивили се ранети во силно руско гранатирање на 27 места, вклучувајќи го и градот Керсон, изјави гувернерот на тој регион Олександар Прокудин.

„Руската армија гаѓаше критична инфраструктура, столбови за мобилни телефони и станбени области“, рече Прокудин.