Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен на 25 октомври ја откажа средбата со српскиот премиер, Милош Вучевиќ. Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврди портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.
Причина за откажувањето на средбата е денешната средба на шефот на српската влада со министерот за економски развој на Русија Максим Решетников.
Урсула фон дер Лајен допатува во Белград во рамките на четиридневната турнеја низ Западен Балкан, а во петокот се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со кого разговараше за европскиот пат на Србија.
Во соопштението за медиуми од кабинетот на премиерот на Србија се најавува зајакнување на соработката меѓу Србија и Русија во областа на економијата и другите политики, се наведува во одговорот од прес-службата на Европската комисија.
„Во овој контекст, планираната средба повеќе немаше никаква цел“, соопшти прес-службата.
Вучевиќ разговарал со Решетњиков за натамошно зајакнување на економската и севкупната соработка меѓу двете земји, соопштија претходно во текот на денот од Владата на Србија.
Србија го поддржа територијалниот интегритет на Украина, но иако е кандидат за членство во Европската унија, одбива да се приклучи кон санкциите против Русија воведени од ЕУ поради нејзината инвазија на Украина.
Во соопштението на Владата на Србија, се наведува дека премиерот, говорејќи за санкциите кон Русија, рекол дека Србија „и покрај големите притисоци“ води слободна и независна политика и дека има добра соработка и со Русија и со Европската унија, Кина и други земји.