Македонската Агенција за храна и ветеринарство донела решенија со кои се забранува увоз и транзит на живи животни и прехранбени производи од живина од неколку земји меѓу кои и соседна Бугарија. Решенијата се донесени на 21 октомври, а објавени во Службениот весник на 25 октомври.
Две решенија се однесуваат на забрана за увоз и транзит на живи животни, месо и мелено пилешко месо кое потекнува од Бугарија и одредени региони од Унгарија со цел заштита од птичји грип.
Птичјиот грип може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија, во производството на птици (кокошки, мисирки, потполошки, бисерки, итн) и ограничувања во увозот и извозот живи птици и производи од живина.
Видете и ова: Птичји грип - ризикот мал, политизацијата големаДругите две решенија се однесуваат на забрана за увоз на живина, месо и мелено месо од дивеч од бразилската држава Рио Гранде ду Сул и Полска поради заштита од можноста за внесување на Њукастелска болест.
Рио Гранде до Сул е трет најголем извозник на пилешко месо во Бразил, зад Парана и Санта Катарина. Во првите шест месеци од годинава државата извезла 354 илјади тони, при што Рио Гранде ду Сул остварил приход од над 630 милиони американски долари.
Македонските фарми произведуваат само 5 проценти од потребите за пилешко месо, односно околу 500 тони. Според статистичките податоци пилешкото месо во земјава најчесто се увезува од земјите од Балканот, но и од САД, Бразил, Полска и Унгарија.