Русија ја цени „урамнотежената политика“ на Србија и нејзиниот однос кон санкциите против Русија, е наведено во соопштението на српската влада посредбата во Белград на 25 октомври на српскиот премиер Милош Вучевиќ со рускиот министер за економски развој, Максим Решетников.
Тие на денешната средба разговарале за натамошно зајакнување на економската и севкупната соработка меѓу двете земји. Решетников е еден од бројните функционери од Москва кои се под санкции од Западот поради инвазијата на Украина.
Србија го поддржа територијалниот интегритет на Украина, но иако е кандидат за членство во Европската унија, одбива да се приклучи кон санкциите против Русија воведени од ЕУ поради нејзината инвазија на Украина.
Во соопштението на Владата на Србија, се наведува дека премиерот, говорејќи за санкциите кон Русија, рекол дека Србија „и покрај големите притисоци“ води слободна и независна политика и дека има добра соработка и со Русија и со Европската унија, Кина и други земји.
Вучевиќ во разговорот истакнал дека Србија е подготвена да разговара за продолжување на договорот за испорака на руски гас, а дека договорот од Санкт Петербург за дополнително снабдување со гас во текот на зимската сезона е од големо значење за Србија, се вели во владиното соопштение.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, Србија почна да работи на изнаоѓање други извори на снабдување, но сепак гасот најмногу доаѓа од Русија.
Вучевиќ и се заблагодарил на Русија што ја покани Србија да учествува на самитот на БРИКС, група предводена од Русија, Кина и Индија, меѓу другите.
Српските власти продолжија да ги одржуваат односите со руските претставници, а четиричлена делегација од Владата на Србија учествуваше на самитот на БРИКС во Казан, Русија, од 22 до 24 октомври.
Вучевиќ изјави дека разговорот меѓу претседателите на двете земји Александар Вучиќ и Владимир Путин претставува „нов моментум за севкупните билатерални односи меѓу Србија и Русија“.
Во телефонскиот разговор на 20 октомври, Вучиќ му се заблагодари на Путин за „она што го направи за Русија да обезбеди доволно количества гас за Република Србија оваа зима“.