Прорускиот претседател на Република Српска, Милорад Додик, кој е на списокот со санкции на САД и Обединетото Кралство, се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин на самитот во Казан, Русија во четвртокот вечерта, на 24 октомври.
На својот официјален профил на Твитер, Додик напиша дека разговарал за доизградба на српско-рускиот храм во Бања Лука и за зајакнување на туристичкиот потенцијал на Србија и Русија.
„Секогаш е посебно задоволство да се сретнам со голем светски лидер и искрен пријател на Република Српска“, напиша Додик.
На самитот, чиј домаќин беше рускиот претседател, меѓу другите се собраа и лидерите на Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка и други земји кои се членки или се стремат кон членство во БРИКС.
Видете и ова: Додик му го врачи орденот на Република Српска на унгарскиот премиер ОрбанОва е петта средба на Додик со Путин од почетокот на руската инвазија на Украина и единаесетти разговор од 2014 година. Тој е еден од ретките функционери кои се состануваат со руски и белоруски официјални претставници од почетокот на руската инвазија на Украина.
Меѓународната заедница постојано укажува дека Босна и Херцеговина се обврза да ги следи безбедносните и надворешнополитичките насоки на ЕУ, како земја кандидат за членство во Европската унија (ЕУ).
Проруската реторика и блискоста со руските лидери не покажуваат никаква конкретна корист за РС. Инвестициите од 27 земји-членки на блокот на ЕУ сочинуваат 64 отсто од вкупните странски инвестиции во БиХ, додека руските инвестиции изнесуваат помалку од четири отсто.
Во РС, Русија е петта на листата на инвеститори, по Србија, Италија, Австрија и Велика Британија.
Неколку големи проекти, кои Владата на РС ги иницираше во овој ентитет со руски компании и олигарси, доведоа до повеќемилионски загуби.