Тројца медиумски работници загинале во израелски воздушен напад врз комплекс во кој се наоѓаат новинари во југоисточниот дел на Либан, објавија либанските државни медиуми, пренесува АП.
Локалната новинска станица Ал Џадед објави снимка од местото на настанот, на која се гледаат срушени згради и автомобили на кои е испишано PRESS, покриени со урнатини.
Израелската армија не издаде предупредување пред овој напад.
Бејрутската телевизија Ал-Мајадин соопшти дека двајца нејзини вработени се меѓу новинарите убиени утрото на 25 октомври. Телевизијата Ал-Манар на Хезболах (милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан) соопшти дека снимателот исто така бил убиен во воздушен напад во регионот Хасбаја.
Видете и ова: Најмалку 13 загинати и 57 ранети во вчерашниот израелски напад врз БејрутИнаку неколку новинари се убиени во Газа откако Хезболах и Израел почнаа да разменуваат оган во октомври минатата година, по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас (палестинска група означена како терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија).
Во ноември минатата година, двајца новинари на ТВ Ал-Мајадин беа убиени за време на напад со дрон. Еден месец подоцна, во израелското гранатирање на јужен Либан, снимателот на Ројтерс Исам Абдалах беше убиен, а други новинари од агенцијата Франс прес и телевизијата Ал Џезира беа ранети.
Видете и ова: Франција ќе му даде на Либан помош од 100 милиони евраВојната во Газа започна откако Хамас уби речиси 1200 луѓе и киднапираше речиси 250 други за време на нападот на 7 октомври минатата година. Оттогаш, како резултат на израелската офанзива, повеќе од 42 000 Палестинци се убиени во Газа.
Во меѓувреме, на почетокот на октомври оваа година, тензиите меѓу Хезболах и Израел ескалираа и Израел најави започнување на копнена операција во јужен Либан против Хезболах. Како резултат на борбите меѓу Израел и Хезболах, во Либан загинаа повеќе од 2500 луѓе.
Хезболах е прогласен за терористичка организација од страна на САД. Во меѓувреме, Европската Унија го стави на црната листа военото крило, но не и на политичката партија на организацијата, која има места во либанскиот парламент.