Во Босанска Крупа, на западот на Босна и Херцеговина, во четвртокот доцна вечерта, на 24 октомври, во напад на полициска станица загина полицаец, а друг е ранет, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) во Министерството за внатрешни работи на Унско-Санскиот кантон (УСК).
Полицајците биле застрелани од малолетник кој бил лишен од слобода.
„Станува збор за кривично дело тероризам“, потврди Аднан Бегановиќ, портпарол на полицијата, во петокот наутро, на 25 октомври, откако, како што рече, завршила истрагата на Кантоналното обвинителство.
Според него, состојбата на другиот полицаец кој бил опериран во болницата на Бихаќ е стабилна.
Полициските сили сè уште се на терен.
Кривичните закони на Босна и Херцеговина, како и ентитетите на Федерацијата Босна и Херцеговина, имплицираат дека терористичкиот акт е акција што може сериозно да и наштети на државата. Ваквите дејствија вклучуваат напад врз животот на службено лице, односно „напад врз физичкиот интегритет на една личност“
Министерот за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина за РСЕ изјави дека нивото на безбедност е зголемено на територијата на цела ФБиХ и дека се вклучени сите полициски сили.
„Не би давал повеќе информации за да не ја загрозам истрагата, не смеам да дадам повеќе информации додека не заврши истрагата. Се пребаруваат одредени локации, се работи на терен, не смееме да откриеме што ќе се прави понатаму “, изјави Рамо Исак.
Полицискиот синдикат најостро го осудува овој чин и секаков вид напад врз полициски службеници, се наведува во соопштението. Бараат одговорните да го подигнат нивото на безбедност на полициските службеници, а повикуваат и бараат од надлежните органи во најкраток можен рок да ги гонат сторителите согласно одредбите од Законот.
„Нагласуваме дека нападот врз полицајци е и напад врз државата“, се наведува во соопштението на полицискиот синдикат на УСК.
Терористички напади врз полицијата во Босна и Херцеговина имало и претходно.
Така, во јуни 2010 година беше нападната полициска станица во Бугојно, во централна Босна. Во овој напад загина полицаец, полицајка е тешко ранета, а петмина полицајци се полесно повредени.
Во таа прилика на зградата на Полициската станица беше причинета материјална штета од околу 250 000 евра, а значителна штета е причинета и на околни објекти и возила.
Напад врз полицијата е регистриран и на истокот од земјата, во Зворник, кога во април 2015 година, 24-годишен маж уби еден и рани двајца полицајци, по што беше убиен.