Смртоносни напади на руските сили во источна Украина

Илустрација

Во руски воздушен напад врз градот Купјанск во источна Украина загина едно лице, а десет други беа ранети, соопштија регионалните власти на 24 октомври.

„Непријателот удри во близина на продавница и на градскиот пазар“, рече регионалниот гувернер Олех Синјехубов во својата првична изјава за утринскиот напад врз градот во регионот на Харков.

Во руското гранатирање подоцна во текот на денот загинаа три лица во областа околу стратешкиот центар Покровск во источниот регион Доњецк, објави гувернерот Вадим Филашкин на Телеграм.

Филашкин рече дека Покровск и неговата околина се цел на руските војници и ги повика локалните жители да се евакуираат.

Видете и ова: Украина собори 40 руски дронови во 11 региони


Генералштабот на украинската војска, исто така, соопшти дека најинтензивните руски напади долж линијата на фронтот се случуваат во областа Покровск, вклучително и во близина на градот Селидове, на околу 20 километри југоисточно од Покровск.

Претходно на 24 октомври, украинската противвоздушна одбрана собори 40 од 50-те беспилотни летала лансирани од Русија во 11 украински региони, додека други седум се изгубија поради електронско заглавување на нивните навигациски системи, се вели во соопштението на украинските воздухопловни сили.

Русија, исто така, лансираше две наведувани ракети и две крстосувачки ракети, кои ги промашија своите цели, соопшти војската.