Александр Стојаногло, кандидат за претседател на Молдавија кој ќе се соочи со проевропската актуелна претседателка Маја Санду во вториот круг од претседателските избори на почетокот на следниот месец, го бранеше стекнувањето романско државјанство и ги критикуваше медиумските извештаи дека неговите ќерки работат во Западна Европа.
Санду победи во првиот круг претседателски избори во Молдавија на 20 октомври со освоени 42,49 отсто од гласовите, додека социјалистот Стојаногло, поранешен државен обвинител кој се соочува со обвинувања за корупција, освои 25,9 отсто гласови покажаа конечните резултати.
Во кампањата имаше тврдења за купување гласови, како и кампањи за дезинформации и манипулација на гласачи, наводно оркестрирани од Русија.
Вториот круг на изборите е закажан за 3 ноември.
Поголем дел од Молдавија беше дел од Романија до крајот на Втората светска војна, а многу Молдавци имаат и романско државјанство, што им дава можност слободно да патуваат во Европската унија и да работат таму.
Стојаногло го бојкотираше референдумот за интеграција на Молдавија во Европската унија (ЕУ) што беше одржан во ист ден со претседателските избори и на кој европската опција предводена од Санду победи со тесно мнозинство.
Откако медиумите открија дека Стојаногло поседува романски пасош, тој тврдеше дека го добил во 2019 година во „аполитички контекст“, без да каже детали.
Стојаногло ги нападна медиумите за извештаите дека двете негови ќерки работат на Запад.
Според јавните податоци на социјалните мрежи, неговата постара ќерка Кристина магистрирала економија и бизнис во Виена и работи за компанија со седиште во Швајцарија, додека помладата Корина студирала на Универзитетот во Мастрихт во Холандија и работи за Европската централна банка (ЕЦБ) во Франкфурт, Германија.
Многу набљудувачи го сметаа двојното гласање во Молдавија како клучно во одлучувањето за насоката во која ќе се движи земјата – ќе има поблиски врски со Европа или ќе остане во сенка на Русија.