Апсења во БиХ и во Хрватска за криумчарење најмалку 159 мигранти

Мигранти на балканската рута

Полицијата на Босна и Херцеговина и Хрватска уапси 16 лица за криумчарење на најмалку 159 мигранти од Босна и Херцеговина во Хрватска преку реката Сава, соопшти европската полициска агенција Европол на 24 октомври.

Според Европол, разбиената група е одговорна за криумчарење мигранти „под животно опасни околности“.

„Користејќи преполни чамци, лицата осомничени за криумчарење доброволно ги загрозувале животите и безбедноста на мигрантите. По преминувањето на реката, мигрантите тајно биле превезувани со разни видови возила, биле скриени во приватни автомобили или товарни простори на транспортни возила и пренесени во Словенија, Италија, Германија и други европски земји на Унијата“, соопштија од Европол.

Се проценува дека осомничените од криумчарење мигранти заработиле најмалку 80.000 евра.

Видете и ова: Мигранти обвинуваат - Србија со ќотек не враќа во Северна Македонија

Акцијата беше спроведена како дел од Оперативната работна група формирана во март 2023 година, која вклучува тела за спроведување на законот од Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Таа е насочена кон мрежите на организиран криминал за криумчарење мигранти кои се активни на западнобалканската рута.

Регионот на Западен Балкан е важна транзитна зона за илегални миграции, особено за оние кои се обидуваат да стигнат до Западна и Северна Европа. Трасата на нерегуларната миграција кон Европската Унија преку Западен Балкан, поточно преку Албанија, Босна и Херцеговина и Србија, се зголемува уште од 2018 година, покажа извештај на Меѓународната организација за миграција (ИОМ).