Полицијата приведе еден од помилуваните од претседателката Сиљановска Давкова

Илустрација

Полицијата го приведе А.Р.(29) од скопското село Арачиново, кој е еден од осудениците на кои со одлука на македонската претседателка извршувањето на изречената казна затвор му беше заменето со условна осуда, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Јавното обвинителство(ЈО).

Причина за приведувањето е тоа што за истото лице е поведена истрага за обид за убиство.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, помилува десет осуденици по повод Денот на Македонската револуционерна борба, 23 Октомври. Според таа одлука, на тројца извршувањето на затворската казна им се заменува со условна додека на останатите седуммина со одлуката им се скратува времетраењето на казната.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека против А.Р. е поднесена кривична пријава по брза постапка, за настан од 14 октомври во Чаир, кога од огнено оружје бил повреден Е.А. (35) од Скопје. По изготвените вештачења, полицијата утврдила дека сторител на делото бил А.Р.

Од Јавното обвинителство соопштија дека полициски службеници на 24 октомври „непосредно по излегувањето од КПУ „Идризово“ – Скопје лишија од слобода лице на кое со Одлука на Претседателот на Република Северна Македонија извршувањето на изречената казна затвор му беше заменето со условна осуда, бидејќи за истото лице е поведена истрага за ново кривично дело“.

До судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор, соопштија од Јавното обвинителство.

Видете и ова: Сиљановска Давкова помилува десет осуденици

Меѓу помилуваните има и лица кои беа осудени во познати случаи во јавноста. Еден од нив е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кому претседателката му скрати една година од затворската казна од која му остануваат за извршување уште околу три години.

Талески беше осуден на седум години затвор во предметот „Транспортер“ покренат од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кое го гонеше за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.

Делумно помилување со три месеци помала казна доби и Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“.

Меѓу делумно ослободените се и лицата: Мухарем Али од Скопје, Тодор Попов од село Миравци, Томислав Симонов од Скопје, Перо Кузмановски од Градско и Живко Делиџаков од селото Богородица. Тие добија намалување на затворските казни по два односни три месеци.

Извршувањето на затворската казна, според одлуката за помилување, пак, се заменува со условна осуда на: Акиф Равмановски од село Арачиново, Никола Трпчески од Охрид и Шенол Маслани од Арачиново.

Дел од медиумите јавија дека едно од помилуваните лица е член на наркокартелот „Барон“, а опозицискиот СДСМ реагираше дека помилувањето на вакво лице е најшокантно од целата листа.

Одлуките за помилување на осуденици, претседателот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.

Сиљановска Давкова, која функцијата ја презеде во мај, нови членови на оваа Комисија именуваше на крајот на јули годинава.