Градоначалниците на Струмица и на Карпош најавија дека ќе излезат од ЗЕЛС, за Перински и Ѓорѓиевски таков потег не е решение

Северна Македонија - Златко Перински, министер за локална самоуправа

Секоја најава за нарушување на единството на Заедницата на единици на локална самоуправа(ЗЕЛС) му штети и на ЗЕЛС и на сите општини, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, откако градоначалниците на општините Струмица и Карпош најавија дека ќе го напуштат ЗЕЛС поради проблеми со министри од Владата.

„ ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата. Добро е и во иднина да остане така. Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините“, изјави Перински.

Видете и ова: Сите општини конкурираат за парите од унгарскиот кредит

Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градиначалник на Кисела Вода, во изјава за медиумите попладнево, рече дека досега до ЗЕЛС нема стигнато официјално барање за излегување од ова тело. Тој кажа дека таква одлука носи Советот на општината.

„За да се пристапи кон одредена изјава или одредени обвинувања, особено кон ЗЕЛС, треба претходно да се седне и да се разговара. Апелирам до двајцата колеги да се вразувамат и малку посериозно да погледнат на овие нивни потези, затоа што Орце не може самоиницијативно да одлучи како градоначалник на Кисела Вода да ги стави во заложништво сите граѓани повлекувајќи личен потег или потег побуден од различна политичка причина или понуда“, изјави Ѓорѓиевски.

Претходно, Костадин Костадинов, градоначалник на Струмица, на Фејсбук објави дека од денеска, 24 октомври, општина Струмица се откажува од членство во ЗЕЛС, а тој ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Причината е „револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици - водата за пиење, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит“.

Видете и ова: Арсовска крои нов план за проблемите во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ бара да го одблокира градот

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја продолжи забраната за користење на водата за пиење во Струмица поради пронајдени колиформни бактерии. Проблемот со водата во Струмица трае веќе еден месец.

Стевче Јакимовски, градоначалник на Карпош, најави дека општина Карпош може да го напушти ЗЕЛС поради „големи притисоци од страна на централната власт“.

-„Што прават со мене тука? Министерот за транспорт вика јас не потпишувам планови додека сум министер и уште се фали дека со новиот закон му се зголемиле ингеренциите. Сега јавно да го прашам. Вие одите кон Брисел или одите кон Москва? Ако одите кон Брисел вие треба да ги намалувате дискреционите права, а не да ги зголемувате. Ако одите кон Москва, тогаш ќе функционирате со декрет“, изјави Јакимовски.

Тој рече дека МВР му пушта кривични пријави, а не се гласаат општинските програми и буџетот.

ЗЕЛС е единствена национална асоцијација која ги застапува интересите на единиците на локалната самоуправа пред централната власт.

Во ЗЕЛС на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје.