Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска (23 октомври) од Тирана ја започна нејзината турнеја низ Западен Балпан, порачувајќи дека проширувањето на Европската унија е нејзин приоритет во нејзиниот втор мандат како шефица на извршното тело на ЕУ.
„Проширувањето е голем приоритет и во мојот следен мандат. Тоа се однесува на нашиот план за раст за Западен Балкан, за ова разговаравме во Берлин. Ја отвораме вратата на заедничкиот пазар со партнерите од Западен Балкан“, рече Фон дер Лaјен на прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.
Фон дер Лајен утре (24 октомври) ќе престојува во Северна Македонија, а во рамки на турнејата ќе ги посети и Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.
Видете и ова: Европска (не)перспективност пред посетата на Урсула фон дер ЛајенЗа време на нејзината посета на Европскиот колеџ во Тирана, фон дер Лајен рече дека сега „ветрот на промени дува во Западен Балкан“.
„Може ли некој да го запре ветерот на промените? Денес овој ветер на промени дува не само во Западен Балкан, туку и во Украина и Молдавија. Но, има и други ветрови кои дуваат во спротивни насоки, кон национализам или угнетување. Русија влезе во Украина токму затоа што Украина сакаше да стане дел од ЕУ“, рече таа.
Таа посочи дека за време на изборите минатиот викенд во Молдавија била забележана „голема руска интервенција на референдумот за европската иднина“.
„Овие сили работат на дестабилизација на земјите кои ја избираат Европа. Секогаш кога има напредок кон помирување или интеграција, тие се оние кои го свртуваат вниманието кон старите конфликти. Ова е реалноста денес. Ова е она со што ќе треба да се справи вашата генерација млади Европејци. Не смееме да седиме со скрстени раце“, им порача фон дер Лајен на студентите на Европскиот колеџ.
Шефицата на Европската комисија најави дека Албанија во наредните месеци ќе ја добие првата исплата од 64 милиони евра од Планот за раст на ЕУ, од вкупно 920 милиони евра, што се очекува да ги добие во следните три години.
ЕУ го одобри Планот за раст за Западен Балкан, кој предвидува помош од шест милијарди евра за земјите од регионот.
„Помина една година од почетокот на работата и повеќето од нив имаат подготвена реформска агенда. Вие и тимот завршивте одлична работа со реформската агенда“, му рече претседателката на ЕК на премиерот Рама.
Видете и ова: Во Берлин потпишан нов акциски план за единствен пазар, дел од Планот за раст за Западен БалканНа прашањето дали има датум кога Албанија ќе може да стане членка на ЕУ, Фон дер Лајен рече дека тоа зависи од „работата и заслугите“.
На 15 октомври Албанија го отвори првото поглавје од пристапните преговори со ЕУ, точно 10 години по добивањето на статусот земја-кандидат.
Рама рече дека Албанија е „решена“ да ги исполни своите обврски на патот кон ЕУ.
„Многу сме решени да успееме. Има голем број задачи, ги има илјадници! Задачи кои мора да се преточат во закони, подзаконски акти, но и во докази за нивно спроведување“, рече Рама.
Во рамки на посетата на главниот град на Албанија, претседателката на Европската комисија утре претпладне треба да се сретне со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај по што ќе отпатува за Скопје.
Според најавите на Европската комисија, Фон дер Лајен за време на посетата на регионот најмногу ќе се фокусира на помошта што ЕУ им ја дава на земјите од регионот за забрзување на реформите и подготовките за побрз напредок во евроинтеграциите.
Видете и ова: ЕК ги усвои реформските агенди за Северна Македонија и уште четири земји од регионотУтре, Фон дер Лајен од Северна Македонија ќе замине за Босна и Херцеговина.
Во петокот ќе престојува во Србија каде ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Во сабота ќе биде во Косово, каде ќе се сретне со претседателката Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти. Посетата на регионот ќе ја заврши со средби со лидерите на Црна Гора во Подгорица.