Северна Кореја испрати 3.000 војници во Русија за да ги поддржи силите на Кремљ во војната во Украина, а се очекува да испрати уште илјадници, соопштија денеска (23 октомври) јужнокорејските пратеници, пренесе Ројтерс.
Пјонгјанг вети дека ќе обезбеди вкупно околу 10.000 војници, кои се очекува да бидат распоредени до декември, изјавија пратениците пред новинарите откако за тоа беа информирани од јужнокорејската национална разузнавачка агенција.
Проценката е двојно поголема од претходната бројка.
„Во септември и октомври во Северна Кореја беа откриени значи дека има обука на војници. Се чини дека војниците сега се распоредени во повеќе објекти за обука во Русија и се прилагодуваат на локалната средина“, рече Парк Сун-вон од парламентарната комисија за разузнавање.
Видете и ова: Јужна Кореја: Испраќањето војници од Северна Кореја во Русија е закана за безбедностаАмериканскиот секретар за одбрана Лојд Остин, исто така, денеска изјави дека има докази за севернокорејски трупи во Русија, иако останува да се види што ќе прават тие таму.
Остин, говорејќи во Рим, рече оти наводното распоредување војници на Северна Кореја може да биде дополнителен доказ дека руската војска има проблеми со човечки ресурси во војната против Украина.
Русија ја нападна својата соседна земја во февруари 2022 година и оттогаш тоа се претвори во војна која се води долж линијата на фронтот во источна Украина со огромни жртви на двете страни.
Кремљ го отфрли тврдењето на Јужна Кореја за распоредување на трупите како „лажна вест“, а севернокорејскиот претставник во Обединетите нации во Њујорк ги карактеризираше информациите како „неосновани гласини“.
И Москва и Пјонгјанг, исто така, негираа трансфер на оружје, но ветија дека ќе ги зајакнат воените врски, потпишувајќи договор за заемна одбрана на самитот во јуни.
Видете и ова: Зеленски тврди дека Северна Кореја испраќа војници и оружје во РусијаПоследните податоци за испраќањето 3.000 војници дојдоа откако Националната разузнавачка служба на Сеул во петокот соопшти дека Северна Кореја со бродови испратила во Русија околу 1.500 припадници на специјалните сили.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така го обвини Пјонгјанг дека се подготвува да испрати 10.000 војници во Русија. Во вторникот тој ги повика своите сојузници да одговорат на доказите за вмешаноста на Северна Кореја во руската војна.
Ли Сеонг-квеун, пратеник од Јужна Кореја, рече дека властите во Пјонгјанг се обиделе да спречат ширење на веста за распоредувањето војници.
„Постојат знаци дека севернокорејските власти ги преселиле и изолирале тие семејства (на војници) на одредено место за ефективно да ги контролираат и темелно да ги отфрлат гласините“, рече Ли, повикувајќи се на информации од разузнавачката агенција.
Ли исто така рече дека агенцијата потврдила оти Русија регрутирала „голем број“ преведувачи за севернокорејските војници додека ги обучувала за употреба на воената опрема како што се беспилотните летала.
„Руските инструктори оценуваат дека севернокорејската војска има одлични физички атрибути и морал, но нема разбирање за модерното војување, како што се нападите со беспилотни летала. Затоа, може да има многу жртви доколку бидат распоредени на фронтот“, рече тој.
Во вторникот, претседателскиот кабинет на Јужна Кореја повика на итно повлекување на севернокорејските трупи од Русија, предупредувајќи дека може да ја разгледа можноста за снабдување на Украина со смртоносно оружје доколку воените врски меѓу двете држави (Северна Кореја и Русија) отидат предалеку.
Видете и ова: САД открија „помагачи“ од Северна Кореја за механизми за плаќање за РусијаПретставници на американските власти, кои сакаа да останат анонимни, велат дека Русија претрпела загуби од повеќе од 600.000 војници кои биле убиени или ранети во војната во Украина.
Остин рече дека наводното распоредување на Северна Кореја може да укаже на недостиг на руски регрути.
„Ова е показател дека тој (рускиот претседател Владимир Путин) можеби е во уште поголема неволја отколку што мислат повеќето луѓе“, рече Остин.
Пратеникот Парк рече дека Пјонгјанг за возврат може да побара брза интервенција од Русија во случај на непредвидена ситуација на Корејскиот полуостров, како и економска помош.