Европската комисија (ЕК) соопшти дека ги усвоила реформските агенди за пет земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија.
Босна и Херцеговина (БиХ) беше исклучена од пакетот бидејќи поднесе нецелосна реформска агенда до Брисел.
ЕК порача дека очекува БиХ официјално да ја достави својата реформска агенда и оти ги поддржува властите да го финализираат документот, за доброто на сите граѓани.
Како што се наведува во соопштението од ЕК, усвојувањето на реформските агенди било клучно за да се овозможат исплати во рамки на планот на Унијата за реформи и економски раст, кој предвидува 6 милијарди евра за регионот – пари кои ќе се исплаќаат по завршување на договорените реформи.
Видете и ова: Фон дер Лајен: Првата транша од парите од Планот за раст пред Нова годинаПо повод усвојувањето на реформските агенди, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека е импресионирана од работата на партнерите од Западен Балкан на нивните реформски агенди.
„Тоа покажува дека тие се посветени на успехот на Планот за раст. Наша цел е да ги доближиме економиите на Западен Балкан до нашата и да им дадеме на нивните компании пристап и средства да се натпреваруваат на нашиот единствен пазар. Сите имаат корист од ова. Ова е голем чекор кон Европската унија“, рече претседателката на ЕК.
Агендите на петте земји формално усвоени од Комисијата се фокусираат на реформи во приоритетните области на владеењето на правото, управувањето, дигиталната и зелената транзиција, развојот на човечкиот капитал и деловното опкружување.
Исплатите од ЕК кон земјите од регионот ќе се вршат двапати годишно до 2027 година, врз основа на барања поднесени од партнери од Западен Балкан и проверка од страна на Комисијата на три групи со услови. Овие услови се однесуваат на одржувањето на демократските механизми, владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
„Посебен предуслов се однесува на Србија и Косово, кои мора конструктивно да се вклучат во нормализирање на нивните односи, вклучително и спроведување на сите договори од дијалогот, кои ќе бидат оценети земајќи ја предвид улогата и придонесот на Европската служба за надворешни работи“, се вели во соопштението на ЕК.
По усвојувањето на реформските агенди, Европската комисија сега ќе започне со потпишување договори со сите земји од регионот.
Договорот ќе вклучува обврски за корисниците да преземат соодветни мерки за спречување, откривање и коригирање на измами, корупција, судир на интереси и неправилности кои влијаат на финансиските интереси на Унијата, за да се избегне двојното финансирање и да преземат правни мерки за враќање на средствата што биле злоупотребени.
Видете и ова: Урсула фон дер Лајен в четврток во посета на Северна МакедонијаИнаку, Европската комисија ги усвои овие реформски агенди на денот кога претседателката на оваа институција Урсула фон дер Лајен ја започнува својата балканска турнеја.
Таа во периодот од 23 до 26 октомври ќе ги посети сите земји од регионот. Посетата започнува денеска во Албанија, а завршува во Црна Гора. Во Северна Македонија Урсула фон дер Лајен ќе престојува утре, 24 октомври.