Орбан бара Унгарците да се спротивстават на Брисел како на СССР во 1956 година

Говор на унгарскиот парламент во Будимпешта, 23 октомври 2024 г.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска (23 октомври) ги повика Унгарците да „се спротивстават“ на Брисел како што направија со Москва пред речиси 70 години, за време на комеморацијата на годишнината од антисоветското востание во 1956 година.

Националистичкиот премиер, чија земја претседава со ЕУ, ги поттикнува стравувањата од војна меѓу Западот и Русија, за што ја обвинува Европската унија и западната воена алијанса НАТО, пишува агенцијата Франс прес.

„Дали се потчинуваме на волјата на странска сила, овој пат од Брисел … Предлагам нашиот одговор да биде јасен и недвосмислен како што беше во 1956 година. За нас, лекцијата од 1956 година е дека мора да се бориме само за еден работа, за Унгарија и за унгарската слобода“, рече тој пред илјадници луѓе во Будимпешта на 23 октомври.

Видете и ова: Орбан се понуди за посредник меѓу Скопје и Софија

Антисоветското востание од 1956 година зад себе остави околу 3.000 мртви и 20.000 ранети помеѓу 23 октомври и 4 ноември и стана симбол на борбата на Унгарија против репресијата.

Како најблизок сојузник на Москва во ЕУ од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, Орбан одби да испрати оружје во Киев и повикува на брз прекин на огнот без никакви предуслови.

„Планот е Украина веднаш да добие покана за НАТО. Воената фаза ќе биде префрлена на руска територија. Дел од планот е Украина, по победата на источниот фронт, да се обврзе да ги замени Американците и да ја гарантира безбедноста на цела Европа со своја зајакната армија“, рече Орбан.

Видете и ова: Орбан: Војната во Украина не може да се добие со планот на Зеленски

„Ние Унгарците ќе се разбудиме едно утро и ќе најдеме словенски војници од истокот повторно стационирани на унгарска територија. Не го сакаме тоа, но притисокот од Брисел секој ден е сè посилен врз земјата и врз владата“, додаде тој.

Во својот говор, Орбан, кој е под зголемен притисок дома откако Питер Маџар стана лидер на опозицијата оваа година, исто така ја обвини ЕУ дека сака да „наметне бриселска марионетска влада“ во Унгарија.