Министерството за животна средина и просторно планирање ќе префрли 24.453.000 денари (околу 400.000 евра) за чистење на линданот и контаминираната почва од кругот на поранешната фабрика ОХИС.
Одлуката била донесена на вчерашната седница на Владата, а парите ќе се префрлат на наменската сметка на Мултипартнерскиот фонд за животна средина.
„Со ова, нашата држава ги исполнува обврските за обезбедување средства на годишно ниво, согласно одлуката на Владата од 2013, на која се обврза дека со постепено одвојување средства ќе го поддржи елиминирањето на контаминираниот материјал од кругот на ОХИС“, наведуваат од Министерството за животна средина.
Видете и ова: Фалат уште 7 милиони евра за да се исчисти малата депонија во ОХИСМеѓутоа, како што пишуваше Радио Слободна Европа, за да се исчисти само малата депонија од ОХИС недостигаат уште седум милиони евра, за што надлежните очекуваат дека ќе успеат да соберат и пари од донатори.
„За таа цел ќе треба да се мобилизираат средства и од сопствени, но и од нови извори на финансирање. Се очекува дека согласно договорот кој го потпиша УНОПС со Владата на РСМ, тој ќе обезбеди дополнителни средства од други извори на финансирање, бидејќи една од нивните задачи е и мобилизирање на средства“, рекоа од Министерството за животна средина за РСЕ.
Според последните податоци од Министерството, досега се исчистени речиси 2.000 тони линдан и безмалку 600 тони контаминирана почва само од малата депонија.
Во кругот на поранешниот хемиски гигант ОХИС има и голема депонија за која првичните претпоставки беа дека има 50 илјади тони линдан. Ваков отпад има и на месноста Пеленица во скопско Драчево, каде, исто така, се фрлал линдан, а за каде истражувањата покажаа дека тлеат 40 илјади тони контаминирана почва.
Но, како и кога тие ќе се исчистат ќе се знае откако прво ќе се исчисти малата депонија.