Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, откако до институцијата пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор.
Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, потврди дека за претставката е оформен предмет и веќе се постапува.
„Наводите се однесуваат на неисполнување на услови за именување на директор. Конкретно во делот на образование, стекнување со безбедносен сертификат, како и припадност на политичка партија. Тоа се наводите во оваа анонимна пријава. Предметот е распределен кај член. Ќе се отпочне со обезбедување на потребна документација до АНБ и Владата како орган кој го именува. По рокот за достава на овие податоци од 15 дена, и по обезбедување на документација и утврдување на фактичката состојба ќе донесеме одлука на јаван седница, изјави Димитровска.
Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика реакции во јавноста. Тој до неодамна беше член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Градскиот комитет на партијата во Скопје.
Видете и ова: Владата назначи нов директор на Агенцијата за национална безбедностХристовски изјави дека не го прекршил законот бидејќи неговата кариера во партијата ја завршил, напоменувајќи дека во декември 2023 година се повлекол од членството во ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицискиот СДСМ побара Владата да го повлече Бојан Христовски од функцијата директор на АНБ. Социјалдемократите изразија сериозни сомнежи во врска со исполнувањето на условите за негов избор на позицијата, велејќи дека е некомпетентен кадар кој ќе му служи на премиерот Христијан Мицкоски.
Владата на седница на 16 октомври го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, а на негово место го именува Бојан Христовски.