Европскиот суд пресуди дека рускиот закон за „странски агенти“ ги крши човековите права

Европски суд за човекови права (ЕСЧП)

Европскиот суд за човекови права пресуди дека рускиот закон за „странски агенти“ ја прекршува Европската конвенција за човекови права, велејќи дека законот е „произволен“ и се применува на „преширок и непредвидлив начин“.

Пред судот се обратија 107 организации за човекови права, претставници на руското граѓанско општество и медиуми, вклучително и рускиот сервис на РСЕ, како и организацијата Меморијал.

На 22 октомври, судот пресуди дека законот наметнува „строги ограничувања“ на активностите на обвинителите и утврди дека нивното етикетирање „странски агенти“ претставува „малтретирање“. Судот посочи и дека законот „стигматизира, заведува и се применува на преобемно и непредвидлив начин“.

Судот смета дека целта на законот е „да се казни и заплаши, а не да се одговори на наводната потреба за транспарентност или на легитимниот императив на националната безбедност“.

Заклучи и дека со законот се нарушува слободата на изразување, здружување и правото на почитување на приватниот и семејниот живот на физичките лица кои поднеле тужба.

Рускиот закон, воведен во 2012 година и проширен во 2022 година, бара од организациите кои примаат странски средства да се регистрираат како „странски агенти“, што носи последици од инспекции, драконски казни и ограничувања на активностите.

Видете и ова: Русија додаде уште двајца новинари на листата „странски агенти“

Судот забележа дека јавното мислење во Русија го поврзува терминот „странски агент“ со „предавници“ и „шпиони“, стигматизирајќи ги оние што се етикетирани како такви.

Судот се осврна на „очигледно непропорционални санкции, вклучително и произволни парични казни или дури и распуштање“ на организации, наоѓајќи дека „таквите ограничувања имаат застрашувачки ефект врз јавниот дискурс и граѓанскиот ангажман“.

Ова „создава атмосфера на сомнеж и недоверба кон независните гласови и ги поткопува самите основи на едно демократско општество“, наведува Судот.

Рускиот сервис РСЕ е казнет со повеќе од 16 милиони евра поради непочитување на барањето да биде означен како „рамен агнет“.

Руските власти го зајакнаа спроведувањето, ги замрзнаа банкарските сметки и ги блокираа веб-страниците на руската служба на РСЕ, откако Русија започна целосна инвазија на Украина во 2022 година.

Европскиот суд и наложи на Русија да му плати на рускиот сервис РСЕ 60.000 евра како компензација за трошоците и 950.000 евра отштета.

Судот, исто така, го критикуваше распуштањето на истакнати организации како Меморијал и Движењето за човекови права под изговор за кршење на прописите за „странски агенти“. Овие закони ги ограничуваа не само нивните јавни активности, туку и нивното учество во изборниот процес и пристапот до државната поддршка.

И покрај тоа што беше исфрлена од Советот на Европа во 2022 година по почетокот на инвазијата на Москва на Украина, Русија сè уште е обврзана да ги почитува одлуките на Европскиот суд во случаите што се случиле пред нејзиното протерување.

Сепак, Москва донесе закони со кои се спречува извршувањето на пресудите на Европскиот суд издадени по нејзиното протерување, што дополнително го комплицира влијанието на оваа пресуда.

РСЕ вели дека ќе продолжи со својата работа и покрај руската репресија. Московското биро беше затворено во 2022 година, а многу новинари беа означени како „странски агенти“.

Во 2023 година, московскиот суд прогласи банкрот на руската служба на РСЕ, но организацијата продолжува да обезбедува вести за милиони руски граѓани во странство, одржувајќи ја својата уредувачка независност со финансиска поддршка од американскиот Конгрес.