Елвис Шаќири е добитник на наградата на Стејт Департментот за глобален двигател против расизмот

Елвис Шаќири ја доби престижната награда за глобални двигатели против расизмот (GARC), доделена од државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, Вашингтон, 21 октомври 2024

Извршниот директор на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, Елвис Шаќири ја доби престижната награда за глобални двигатели против расизмот (GARC) која лично му беше доделена вчера (21 октомври) во Вашингтон во Стејт департментот од страна државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

Оваа престижна награда на глобално ниво е признание за неговата значајна работа во застапувањето на правата на ромската заедница во нашата земја.

Елвис Шаќири беше номиниран од страна на амбасадата на САД во нашата држава вреднувајќи ги напорите што ги направи како поединец и како организација за борба против дискриминацијата, промовирање на еднаквоста и обезбедување пристап до основните човекови права за Ромите.

„Наградата значи многу, бидејќи на некој начин е тестамент на она што го имаме направено особено во последниот период. Делот со лична документација е нешто кое што го работевме особено изминатиов период. Со измената на неколку законски решенија успеавме поголем дел од лицата без документи да добијат веќе лична документација. Меѓутоа, нешто што е исто така критично е големиот процент на лица кои што немаат завршено основно образование. Најголемо прашање, каде што е горливо и треба да се реши е во делот на домување, односно урбанизација на ромските населби“, изјави Шаќири во интервју за македонскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Владата ги дискриминира децата Роми, пресуди граѓански суд

Самата награда им оддава почит на лидери од граѓанското општество на глобално ниво кои покажале исклучителна храброст, лидерство и посветеност за унапредување на човековите права и борба против системскиот расизам, дискриминација и ксенофобија во нивните заедници.

Лидерите се номинираат од амбасадите и конзулатите на САД ширум светот и секоја година се избираат шест лидери со исклучителен придонес во нивните заедници.