„Глува соба“за доверливи комуникации во Собрание

Отворање на тн. глува соба во Собранието

Во Собранието денеска се пушти во употреба заштитената соба изградена од материјали кои спречуваат неовластено следење и прислушување, за комуникациите да останат доверливи.

Дизајнот на т.н. глува или тивка соба ги исполнуваа строгите безбедносни барања поставени и од НАТО и од Европската Унија, стои на страницата на македонското Собрание.

„Заштитената соба не е сувопарно барање кое произлегува од Меморандумот за разбирање со ДЦАФ, таа е барање на НАТО. Оттука, процесот за нејзина изградба, набавка на опрема и операционализирање беа особено комплексни“, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши според кого заштитената соба ја унапредува надзорната улога на Собранието.

За Владо Ѓердовски, раководител канцеларијата на ДЦАФ - Женевски центар за управување со безбедносниот сектор во Скопје, оваа соба е многу повеќе од безбедносен објект.

Тоа е, како што нагласи, место каде што може да се водат критични и критички разговори, без страв од компромитација, обезбедувајќи одлуките за националната безбедност да се носат во средина на доверба и доверливост.

Видете и ова: „Фуриозни“ сто дена Влада, граѓаните чекаат резултати

Андреј Рупник, директор на ДЦАФ – Љубљана, рече дека ова е важен чекор за Собранието на РСМ за постигнување на меѓународните безбедносни стандарди.

Заштитената просторија во Собранието е од највисок, т.н. прв степен на заштита за документи со највисока класификација и ги исполнува сите стандарди на аудио и анти-радијациска заштита. Опремена е со соодветна заштитена опрема за да се гарантира заштитата на класифицираните информации. Опремата ги задоволува највисоките стандарди на радијациска заштита, велат од Собранието.