Продолжен притворот на таткото на осомничениот за убиствата во Рибникар

Зградата на Вишиот суд во Белград, илустративна фотографија

Вишиот суд во Белград денеска (21 октомври) му го продолжи притворот на Владимир Кецмановиќ, таткото на малолетниот К.К., кој изврши масовно убиство во ОУ „Владислав Рибникар“ на 3 мај 2023 година, во Белград.

Вонсудскиот кривичен совет на Вишиот суд во Белград донел решение за продолжување на притворот на Кецмановиќ, кој може да трае најмногу 60 дена, соопшти судот.

На веб-страницата на Вишиот суд пишува и дека Кецмановиќ се товари за „тешко дело против општата безбедност“.

Притворот му е продолжен „поради постоење на околности кои укажуваат дека за краток временски период ќе го повтори кривичното дело доколку остане на слобода“ како и сметајќи дека постојат основани сомнежи дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години.

Видете и ова: Заврши сведочењето на малолетникот за масовното убиство во белградски „Рибникар“

Како што се наведува, начинот на извршување и сериозноста на последиците од тоа кривично дело доведоа до вознемиреност кај јавноста, што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка.

На 3 мај 2023 година, тринаесетгодишен ученик во ОУ „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко убил девет негови врсници и еден училишен чувар. Тој ранил уште пет ученици и еден наставник.

Малолетниот К.К. цело време, откако го изврши масовното убиство, беше во психијатриска клиника, од каде беше донесен на распит во Специјалниот суд.

Во ноември 2023 година, Вишиот суд во Белград го потврди обвинението против родителите на момчето што го изврши масакрот, а судењето започна во јануари 2024 година.

Таткото цело време е во притвор, а на мајката пред една година и е изречена забрана за приближување и комуникација со синот, што уште е во сила. Обвинетите се сопственик и инструктор на стрелачкиот клуб каде, според обвинението, малолетниот ученик научил да пука со својот татко.

Напаѓачот не одговара пред законот, бидејќи во моментот на нападот имал помалку од 14 години.